[Став] Има ли мир?

Марко Панковски

Светскиот ден на мирот маркира една наша хипокризија во нашиот однос кон мирот. Потребата да се почувствуваме посветени кон една цел со универзален нормативен предзнак, често се сведува на декларативен наклон концентриран во еден ден. И овој текст е дел од таа потреба.

Напливот на секојдневни информации за многубројни жртви и конфликти насекаде низ светот кои ги восприемаме преку медиумите несомнено создава слика дека мирот станува сè поексклузивна категорија. Категорија која комплетно се остварува во еден сè потесен и позатворен географски и економски простор. Покрај тоа што мирот станува ексклузивитет на привилегирана група на држави, мирот станува и привилегија на одредени слоеви внатре во општествата. Слоеви во кои сè повеќе се креираат социјални групи одвоени едни од други во кои созреваат услови за развој на структурно насилство кои подоцна водат кон урбано насилство и имаат длабоки дестабилизирачки ефекти на долг рок.

Податоците од една од најголемите глобални бази на податоци за мирот и конфликтите, Датабазата на конфликти на Универзитетот од Упсала во Шведска (Uppsala Conflict Data Program) со години укажува на тенденција на намалување на глобалното ниво на конфликти. За прв пат, во 2015 тој тренд се менува и се забележува раст на бројот на конфликти на глобално ниво.  Минатата година, 2015-та, се смета за трета најлоша година во однос на глобално организирано насилство по завршувањето на Студената војна. Конфликтите кои не вклучуваат државни актери исто така во 2015 година бележат најголема фреквенција од 1989 година [1]. Уште еден загрижувачки тренд е растот на едностраното насилство, односно насилство што вклучува насилство против цивили и често е надвор од контрола на сите официјални механизми на разрешување конфликти.[2]

Стара и малце излитена е дебатата и размислувањата за тоа дали мирот значи само отсуство на војна или општа благосостојба и во кој случај можеме одредено општество да го категоризираме за општество кое ужива во мир. Недостатокот на сеопфатност на традиционалните методи на мерење на глобалниот мир, каде што фокусот е ставен на државите и на традиционалните актери учесници во внатрешни и меѓудржавни конфликти, сè повеќе ја потврдува потребата од нови начини на гледање и концептуално перципирање на мирот.

Каде во нашата определба за тоа дали живееме во мир се наоѓа структурното насилство, каде се наоѓа домашното насилство, родово базираното насилство, глобалното затоплување, забрзаната дефорестизација и брзорастечката економска и социјална нееднаквост? Иако напрвин абстрактно, всушност преку природните ресурси, но и промовирање на култура на насилство, силно се наштетува на глобалниот мир. Иако новите датабази прават напори да ги вклучат и овие типови на насилство во методологијата за мерење на мирот, кое подоцна служи за креирање на адекватни препораки, се добива впечаток дека државните и меѓународните институции сè уште не можат во целост да го следат чекорот на науката и на граѓанскиот сектор од аспект на акомодирање на новите политики во согласност со релевантни сеопфатни препораки.

Денес, ќе се изначитаме за тоа колку светскиот мир е важен и колку треба сите да бидеме посфетени кон идеалот на глобален мир. Меѓународните и националните институции се одговорни несомнено, но мирот го градиме и ние секојдневно со нашите микро акции, односот спрема самите себеси, нашата околина, како и односот кон нашата локална заедница. Декларативните заложби за мир, иако хипокритични, исто така имаат значење. Можноста за рефлексија, можеби и тоа е најдобрата страна на овој ден.

 

Марко Панковски, магистер по Студии на мир и конфликти од Департманот за истражување на мирот и конфликтите при Универзитетот во Упсала во Шведска

 

[1] E. Melander, T. Pettersson, and L. Themner, “Organized Violence, 1989-2015,” Journal of Peace Research 53, no. 5 (September 1, 2016): 727–42, doi:10.1177/0022343316663032.

[2] UCDP One-sided Violence Dataset v 1.4-2015, 1989-2014” and Eck, Kristine and Lisa Hultman. 2007. “Violence Against Civilians in War.” Journal of Peace Research 44(2).