[Став] Илина Арсова: Вистината за фамозниот Лагадин

Не знам дали некој ја сака Македонија повеќе од мене. Ја однесов со себе во срцето буквално до врвот на светот. Еден комшија зборувајќи за сопствените животни достигнувања, еднаш ми рече: „Јас на твоите години ја напуштив Македонија, а ти што?“ Е, па, јас се вратив, му велам, во тоа е разликата.

И вистина можев да живеам секаде во светот, од најбогатите европски земји: Шведска и Швајцарија, преку Азија, Африка до Америките, каде ден денес имам отворена врата. Но јас ја одбрав Македонија, која искрено ја сакам и со огромна љубов ја промовирам во најубаво светло. Дури често ме нарекуваат „амбасадор на добрата воља“.
Значи, ако некој искрено се залага за промоција на нашата земја тоа сум јас!

Следствено, не можев ни да претпоставам дека бранење на боите на природата, и заложбите за зачувување на природните реткости, по кои Македонија е препозната во светот, ќе ми донесат етикета на државен непријател.

Мојата мисија беше да ја информирам јавноста за она што се случува бидејќи при тоа застапувам став на бројни истомисленици, свесни дека повеќе од половина од населението се луѓе кои ја сакаат и почитуваат природата. Им честитам на активистите и здруженијата-членки на иницијативата Охрид СОС кои неуморно, волонтерски со чисто еколошка мисла работат во полза на природата и се обидуваат на разумен начин да пристапат кон еколошките проблеми кои му се закануваат на Охрид и Галичица.
Во Мај 2013 година го искачив врвот на светот, Монт Еверест 8848м, и тоа е можеби најтешката работа што сум ја направила. За мене не постоеше поимот „невозможно“ верувајќи дека се е достижно со упорност, правда, воља и посветеност. Но, борбата да се заштити еден вид од изумирање, една шума од сечење и да се зачува питката вода од нашето најдрагоцено езеро, во не – фер, недемократска и неправедна борба, е очигледно невозможна.

Зошто сметам дека на Лагадин не му треба медитеранска плажа?

– Од проста причина што теренот не располага со плажно крајбрежје. Односно нема плажа!

На потегот кај Лагадин, езерото е во тесна врска со планината и националниот парк Галичица. Тие живеат во природна симбиоза, каде влијанијата од планината се префрлаат во езерото и обратно.

Предвидената плажа треба да се гради во вода, бидејќи ширината на постоечкиот брег е помеѓу 2-5м. Токму заради тоа Лагадин е познат и атрактивен. Заради природната убавина и богатството на жив свет. Неслучајно природата ја назначила трската како одговорен прочистувач на водите од езерото. Верувајте тоа е тешка задача и огромна одговорност, која човекот никако не може да ја замени!

Поттикнување на проект кој се спротиставува на јавното мислење, природната предодреденост и научните препораки, според мене е лудост. Тоа е како да си ја сечеме гранката на која седиме.

Да потсетам дека во овој дел на потегот Лагадин – Пештани пред повеќе од 50 години започнува алтернативниот туризам во Охрид. Првите вили кои изнајмувале соби, топли домаќини кои ги дочекувале гостите од Холандија, а тие не ретко во шатор спиеле во нивните дворови. Овој дел е познат заради природните убавини кои од секогаш ги привлекувале гостите. Туристите никојпат не го одбрале Охрид за нивна дестинација заради ексклузивните плажи. Кон крајот на 60тите години во Лагадин почнале да се градат првите викендички. Теренот бил неатрактивен со трње и камења. Овој дел е познат и под името Св. Мартинија.

Лагадинци го оплемениле просторот, за денес да биде една од најатрактивните населби долж крајбрежјето. Во тој смисол донесување на одлука и план за стопанисување со брегот, без вклучување на мислењето на Лагадинци, е незамислливо!

Од друга страна пак, Лагадин или Св.Мартинија е мета на сообраќајни несреќи, несоодветно управување со отпад и проблеми со водовод и осветлување. Тоа се основни и приоритетни прашања за развој на туризмот, многу поважни од само површно уредување на плажи кои според домашните и светски научници, ќе предизвикаат неповратна штета врз квалитетот на водата на Охридско.

Се надевам дека ова писмо ќе стигне и до нашиот Премиер, Екс Премиер или ако може да го наречам едноставно Никола, кој лично го запознав како човек и како таков му се обраќам. Човек кој со гордост ме дочека по враќањето од Монт Еверест и со восхит го слушаше моето патешествие до врвот. Дури ме праша и ако може со нешто да ми помогне. До сега немав побарано никаква награда за моето дело, што во некоја друга земја автоматски би следело за првата жена која националното знаме за прв пат го развеала на највисокиот светски врв.

Па затоа Никола, ако се уште важи понудата за помош или услуга, ја користам за да Ве замолам да ни се приклучите во борбата за зачувување на природните реткости на Охрид! Бидејќи така и вашето потомство и целиот свет ќе ви биде благодарен и ќе ве благословува.

Илина Арсова,
М-р во јазици, бизнис и меѓународна трговија
Дипл. Ликовен педагог – сликар / Планинар

Текстот е оригинално објавен на блогот на авторката.