[Став] И сè така …

Гледајќи вести на локалната телевизија, читам вест како нашиот Исток има најмала просечна плата. Веднаш ми стана јасно дека најголемата заслуга ја имаат текстилната, кожарската и чевларската индустрија, каде што освен ниски плати нема ниту права. Од кога знам за себе состојбата со Истокот е секогаш ваква, водачи во сиромаштија во регионот и следствено, на број на иселени лица. А сме се запрашале ли зошто? Кој е виновен за ваквата ситуација? Ќе има ли ова некогаш крај? Ние сме мнозинството овде, работниците во текстилот и ние имаме удел во оваа лоша слика за Истокот. Замислите ако еднаш решиме сите заедно да го кренеме гласот против нашата експлотација, сложни, еден до друг, да застанеме со работата еден ден и покажеме дека сме солидарни, тогаш никој нема да може ниту да не навреди, ниту да ни се заканува, бидејќи позади секоја работничка што тој ќе ја навреди ќе стојат уште илјадници. Ние сме тие кои ги носат промените и доста беше стравот, време е за солидарност, за подобар живот, за подобра иднина на нашите деца.

Низ голготата на конфекциски работник поминувам веќе 30 години, и не, не сум се навикнала, не се прелив во таа слика, не сум отрпнала и не ми е сеедно. И покрај годините и сите видени нешта по конфекциите во мене сè уште е присутен гласот за борба и надежта дека подобро утре ќе има, ако не за мене барем за моето дете и затоа јас сум должна да се борам макар и наредните 30 години. Секое утро после алармот, ми се јавува горчина во душата, се мразам себе веднаш штом ги отворам очите. Каде ќе одиш жено? Ќе имаш сила да издржиш пак 12 часа на работа, после вчерашните 12? За која плата ќе го трпиш тој пекол? И сама не можам да променам ништо, се облекувам и сепак одам, а од каде сили не знам, на крајот на денот сепак зависам од таа плата и морам да сум таму, со последна капка енергија.

Судејќи според моите колешки, можам слободно да кажам дека 80 проценти од работниците својот работен ден го почнуваат најпрво со апчиња за притисок и смирување, а во нив сум и јас. И откако ќе ја испиеш шаката апчиња почнуваш да работиш за да однесеш повеќе пари дома, а не можеш. Штом заработиш нешто повеќе нормите веднаш се качуваат, а  работодавците не размислуваат дека тие 100 или 200 денари ќе ни донесат повеќе елан за работа и ќе им бидеме благодарни трудејќи се дупло. Ќе се понадеваме дека  ќе земеме поголема плата, ќе ја изработиме, можеме.  Наместо тоа мојот работодавач секој ден во 14:45 часот не следи и почнува:” Што е ова, рано е за дома, има уште цели 15 минути! Наведни се и работи! Срамота! Жени во години, да ве терам јас да работите!”  Како не разбира човекот, како не е свесен, уморни на тие температури, едвај чекаме да стасаме дома. Што ќе сработиме за десет минути,  му фали богатство? Како не се задоволни и не се наситија на веков?  Нивниот однос не е работодавач-работник, туку роб и робовладетел. Некогаш се прашувам како гледаат на нас. Дали како луѓе или предмети.

Ќе ја платиш членарината на синдикатот и пак нема никој позади тебе, некој што треба да се побуни за ваквата состојба во конфекциите, да ги каже проблемите, тортурата, мобингот, кршењето на правата со кои ние се соочуваме во текстилната кожарската и чевларската индустрија. Каде е овде синдикатот? Да излезе и да проговори како  газдата во недела ги заклучува вратите за да не дојде инспекција, како ни вели да не се чекираме кога остануваме по нашето работно време . Како додека држи состанок на кој често знае да не навредува и да ни вели ако нешто не ни се допаѓа, да си одиме дома. Или само им е битно да си ги соберат парите од членарината, да се сместат во удобините фотели, па што се случува позади машината воопшто не ги засега.

Работодавачот, синдикатот и трудовата инспекција, тоа е добро поврзана шема. Трудовата инспекција која по обичај се најавува пред  да дојде во конфекцијата. Но обавезно, посетата се оддржува во канцеларијата на газдата. Зошто таму? Зошто не нè праша дали имаме договори за работа или листови од плата? Зошто не се заангажираат да утврдат дека работиме сабота, недела и за државни празници за 9000 денара? Дека сме постојано под притисок, мобинг, преморени, лете на 40 степени,  а зиме на -10. Но, не! Никогаш не нè прашале, нивните чекори во погонот не се ни слушнати. Облечени во парчињата облека кои ги шиеме ние, тие парадираат по ресторани, но никогаш во погонот каде тие парчиња облека се изработуваат.

Надежта веќе ми диши на шкрги, станав безживотна, и оној малку елан за живот секое утро сè повеќе се губи. Во држава каде работничките права се привилегија, а не секојдневие, не можам како единка да променам ништо. Можеби мојот работодавач е во право кога вели дека е бог и никој ништо не му може. Некој му го дозволил тоа, но не јас! Овде го завршувам текстот и одам да спијам бидејќи треба утре да станам рано, да ги погледнам безнадежните очи во огледало, да се замразам уште повеќе и со тешки чекори да отидам до машината, да ја испијам шаката апчиња и експлотацијата може да почне! Затоа и утре покорно ќе ја наведнам главата над машината и ќе чекам да дојде 15 часот кога ќе си одиме дома. И сè така…

Пишува текстилна работничка од Делчево

Извор: Хелсиншки комитет за човекови права