[Став] Ги избришав социјалните апликации од телефонот бидејќи ме претвораа во идиот

Во јануари ги избришав сите апликации за социјалните мрежи на мојот телефон бидејќи ме претвараа во идиот.

Со месеци избегнував да влегувам во нешто што претставува предизвик или во сè што поттикнува стрес. Грижите каде ќе живеам догодина? Влези на Инстаграм. Треба да ги средам даноците? Отвори Фејсбук. Таа тага која мислев дека ќе помине повторно ме мачи? Исчезни во светот на лајкови и следбеници и потисни ги чувствата на страна. Одврати. Претерај. Избегај.

Дали поради Павловиот рефлекс кон малите црвени точки на нотификациите за лајкови, или поради вистинска потреба да се поврзам со другите, имаше нешто што правеше – заедно со 1,86 милијарди други активни корисници на Фејсбук месечно – да се враќам. Со социјалните апликации толку достапни на мојот смартфон, тоа се претвори во компулсивна проверка. Истражувањето на „Statistics“, покажа дека 47% од возрасните Британци ги користат социјалните мрежи секојдневно, додека извештајот на „GlobalWebIndex“ откри дека на крајот на минатата година, во глобален просек, луѓето трошеле скоро два часа дневно на социјалните и мрежите за праќање пораки. Јас бев една од нив.

Дури не се работеше ни за некое посебно значајно внимание кое го барав – доколку не беа социјалните медиуми, ќе се нурнев во работниот мејл, па дури и во мојата апликација за банкарство, во надеж дека ќе најдам нешто ново таму. Едноставно посакував нешто – било што – во форма на нова нотификација. Се чувствував како избезумен лабораториски глушец кој чека да го слушне звукот на ѕвончето.

Даниел Џерард, семеен советник и основач на Addiction Helper, верува дека зависноста од социјалните медиуми е зависност слична на коцкањето: „Колку повеќе го правиш, толку повеќе сакаш да го правиш и повеќе го блокираш надворешниот свет. Па, без разлика дали добиваш или губиш, се уште го имаш она возвишено чувство. И колку повеќе го правиш тоа, толку повеќе го блокираш она што навистина се случува.“

Не мислев дека имам зависност, само цврсти навики. Но, можев да ја разберам потребата од социјалните медиуми како бегство од вистинскиот свет.

Па така се исчистив. Ги тргнав од мојот телефон. Сè уште користам социјални медиуми на компјутер, но сакав да се осигурам дека тие нема да бидат со мене секоја секунда и насекаде.

Слобода

Откако апликациите исчезнаа сфатив дека се чувствувам лошо почесто отколку што мислев. Одеднаш морав да се соочам со чудни емоции. Навечер лежев на креветот со премногу мисли, правејќи листа на грижи за да го намалам стресот. Влијаеше на мојата врска: Го оптоварував мојот партнер, барајќи охрабрување за моите тешки мисли. Навечер доаѓав дома и легав на каучот, мислејчи дека немам доволно енергија да прочитам книга или да изгледам филм. Па, го дофаќав мојот телефон и сфаќав дека на него веќе нема работи за игра и се прашував што ќе правам со 30-те минути кои морав да ги потрошам некако.

Можев да го вклучам лап-топот и да се логирам на Фејсбук од таму, но, сфаќав дека потребното време за да го направам сето тоа и глупавите коментари кои ќе ги видам, не се добар начин за да го потрошам времето. Уште пострашно: напорот за тоа ме правеше свесна за себе – изборот да потонам во дигиталната зајачка дупка за да го ослободам мозокот, не изгледаше како добар избор кој треба да го направам во моите 30-ти години.

Ќе беше убава приказна доколку можев да кажам дека по првичното мачење за оттргнување од дигиталната лекомисленост облаците брзо се исчистија и ме направија пофункционална. Но, не беше така едноставно.

Тоа што бев повеќе проактивна ми даде поголемо чувство на контрола и самодоверба во моите способности да ги надминам ситните пречки. Но, ми недостигаше контролата врз моето расположение која ми ја даваа апликациите. Некои истражувања покажаа дека дел од успехот на социјалните мрежи отпаѓа на тоа како прават да се чувствувате. Научен труд од Маури ет ал, во 2011, покажа дека искуството на Фејсбук е различно од стресот или релаксирањето, но, дека има своја единствена состојба. Иако избегнувањето на проблемите неопходно не е правилен начин да се прифати животот, правењето на времето забавно – è, и до некој степен социјалните апликации ми дадоја поголема контрола врз моето моментно расположение.

Губење време

Еден од начините на кои користењето социјални апликации ми ги пореметуваа чувствата беше вината која доаѓаше со губењето време. Студиите на Кристина Сагиоглу и Тобиас Грејтмејер во 2014 година покажаа дека користењето Фејсбук може да доведе до лошо расположение отпосле и чувство дека не сте го потрошиле времето за ништо паметно. Во мојот случај, ова беше болно точно. Не ги средував животните обврски, губев контакт со пријателите, ги запоставував хобијата, излегував помалку од порано. Немав прочитано книга шест месеци. Станав ментално тромава. Ова не беше последица само на социјалното користење, туку ми трошеше многу од моето време.

Д-р Кијара Мек Махон, научник од Даблин, која пишува книга за психологијата и социјалните медиуми, коментира за ова чувство на губење време е проблем за Фејсбук: „Тие сакаат да останеш таму целото време, но, тоа може да направи да се чувствувате како да не сте постигнале ништо. Прилично пријатно чувство, слично како читање книга. Но откако ќе прочитате книга можете да кажете дека сте прочитале 20 страни, но, ако го потрошите истиот час на Фејсбук, немате чувство на успех.“

Откако ги избришав Фејсбук, Твитер и Инстаграм од мојот телефон, бев испаничена од количината на слободно време кое одеднаш се појави. Знаев да помислам дека сум презафатена за да читам во тоа време. Но, само за месец прочитав два романи и ислушав аудио книга – се тоа во слободното време кое инаку ќе го трошев на социјалните апликации барајќи потврда. Доколку оваа промена ја направев, да речеме, во јуни, ќе можев да ги прочитам сите книги кандидати за Букеровата награда и дополнителни 14 романи. Во моментите пред да легнам, додека чекам мојот партнер да заврши со миењето заби, наместо проверувањето Инстаграм, ставив табла за цртање покрај креветот за да скицирам идеаи за фотографии.

Покрај ова, открив дека во моментите на досада испраќав пораки и мејлови до пријателите или роднините со кои не сум зборувала некое време. Дури се јавив на некои луѓе за да ги слушнам како сè, што беше навистина чудно на почеток. Потребата за социјална интеракција, која може да претставува проблем во голем град, повеќе не беше задоволувана преку пасивното присуство пред екран. Ако сакав да видам како е некој, морав активно да стапам во контакт со нив и да откријам. Тоа имаше многу поголемо значење, особено со постарите роднини, кои веројатно биле на истата страна – на социјалните медиуми, но не компулсивно – преку смартфон апликација.

Повторно навлекување

Дел од наградата на социјалните медиуми е чувството дека на некој начин сте важни. „Може да бидете сами дома но имате милиони Фејсбук и Инстаграм пријатели – тоа може да ве внесе во лажна реалност,“ вели Џерард. Без оваа лажна реалност, живеев во сегашноста и чувството – дека живеам преку моите прсти – исчезна. Учењето, творењето, комуницирањето со смисла беше многу поисполнително од нарцисоидниод амбис на селфија, лајкови, следбеници и омилени пораки. Тогаш зошто се вратив назад?

Кога отидов на Женскиот Марш на крајот на јануари, сакав очајно да се поврзам со други луѓе – пријатели или странци – кои исто така беа присутни, се чувствуваа исто или споделуваа исти вредности. Најбрзиот начин за да го направам тоа беше повторно да ги симнам апликациите и да пребарувам и да споделувам. Па го направив тоа. Социјалните медиуми не беа само лајк на нечија слика од мачка – тие се и начин за милиони луѓе да комуницираат каде се позиционирани политички. Фејсбук и Твитер ми недостигаа и како инстант начин на прегледување повеќе извори на вести, кои, во ерата на Трамп и Брегзит, чувствував дека се нешто без кое не се може.

Сакам да кажам дека кругот е прекинат, дозволив апликациите да се вратат во мојот живот но, само за повремено користење, за суштински потреби, додека продолжив да ги негувам офлајн односите и читам многу повеќе.

Но, навистина е тешко да се контролира потребата од компулсивно проверување. За разлика од други лоши навики, откажувањето не е вистинска опција – работата, вестите и социјализирањето сега се зависни на оваа технологија.

По два месеци, работите се… комплицирани. Ништо не е исто помеѓу мене и апликациите по големата пауза. Но, како и враќањето на стар љубовник, лесно е повторно да се падне во истата, стара динамика. Уживам да сум конектирана, но повременото користење набрзо може да се претвори во компулсивно проверување и кога се фаќам како го правам тоа – проблемот го решавам жестоко – ги бришам. Но, тогаш, ќе бидам надвор и ќе сакам да ставам слика на Инстаграм, или да проверам дали некој се обидувал да ме контактира, па ги спуштам одново. И кругот продолжува.

Не сум сигурна дали овој ритуал е нешто пофункционален од тоа што го правев претходно. Не претставува посебен проблем да ги напуштиш апликациите кога можеш да им се вратиш кога ќе посакаш. Сепак, поврзо забележувам кога го губам времето. Правам повеќе работи и помалку се чувствувам како 31 годишна тинејџерка. И повторно ме загрижува колку лесно се паѓа во стапица. Ме загрижува дека овие мрежи кои ги опфаќаат сите кои ги знам овозможуваат празни, зависни награди за бесполезно однесување. И ме загрижува дека, сè додека го имам телефонот во мојот џеб, идиотот кој скрола, каква што знам да бидам, е само неколку кликови подалеку.

Линда Смирс за Гардијан