[Став] Ерата на социјалистичкиот експеримент заврши со смртта на Кастро, но носталгијата за него расте

Од падот на Берлинскиот ѕид до колапсот на Советскиот сојуз, ние новинарите, првите писатели на историјата, побрзавме да прогласиме крај на една ера. Но, вестите со кои се разбуди светот во саботата – смртта на Фидел Кастро, командантот на Куба, за мене ја обележа точката во која социјалниот експеримент изведуван под знамето на марксизмот и ленинизмот дефинитивно заврши.

Може да приговарате со тоа дека Кина и Виетнам сѐ уште имаат еднопартиски комунистички системи. Може да ја спомнете Северна Кореја, која се нарекува себе си Демократска Народна Република, и сѐ уште е тука. Но, размерот во кој некоја од овие земји се ориентирала според идеалите на социјалистичката револуција е сомнителен. Кубанската револуција беше класика – како и нејзиниот лидер со својата брада и своите маани, како и „брендот“ на социјализам кој беше одеднаш воведен.

Од победата на болшевиците во 1917, до смртта на Кастро, кој за само еден месец ќе наполнеше 100 години, ерата на комунистичката револуција сега е „уредно спакувана во книга“.

Куба, секако, веќе се менуваше. Го преживеа падот на Советскиот сојуз преку стоичко прифаќање на тешкотиите типични за измачените револуции. Трансферот на моќта на Раул Кастро пред осум години донесе нови официјални портрети, пократки говори и пробни пазарно-ориентирани реформи. Одлуката на Обама да ги воспостави повторно врските со Куба со посредството на Ватикан го олесни патувањето и ја подобри атмосферата. Но, драматичната промена која некои ја очекуваа од овој развој не се случи. Дали на ваквите промени им треба време, или револуцијата не заврши сѐ до смртта на Фидел?

Повеќето интернационални пофалби за Кастровата Куба завршија со кризата во 1962 година. Тоа се случи кога новиот, млад претседател на САД, Џон Кенеди, неискусниот советски лидер Хрушчев и потенцијалниот маченик за неговата револуција, Кастро, го донесоа светот веројатно најблизу што бил досега до нуклеарна војна.

Но, дозволете ми да додадам два примери за тоа како Куба дури и во неодамнешните години остана чудно дипломатско поле не само за САД, туку и за своите некогашни соработници од Москва.

Во 1999 година, бев сместена во САД, кога сагата на „малиот Елиан“ доминираше на радио брановите. Елиан беше шестгодишно момче кое беше спасено од водите кога мајка му се удави обидувајќи се да стигне до Флорида. По некоја чудна случајност, Кастро умре на годишнината од неговото спасување. Елиан беше земен од чичко му и неговото семејство, дел од жестоката анти-Кастро заедница во егзил во Мала Хавана во Мајами. Сепак, се испостави дека Елиан има татко, поддржувач на Кастро, кој сакаше да си го земе синот назад.

Потоа следуваше исклучителен „стенд оф“, во текот на кој неговото семејство од Мајами ја отвори својата куќа за медиумите да покаже како Елиан е благословен со живот во „слобода“, додека администрацијата на Клинтон требаше да ја одлучи неговата судбина. Ал Гор ја започнуваше својата претседателска кандидатура и очајно му требаше гласот на Флорида.

Следниот април, после директна интервенција на Бил Клинтон, детето беше присилно одземено од страна на властите и вратено на неговиот татко. Случајот го подели американското јавно мислење и одлуката на Клинтон стана дополнителен извор на гнев кај кубанските бегалци. Но, оваа искра на хуманост можеби беше рана фаза на она што стана успех на Обама. Може ли да биде Доналд Трамп, бизнисмен кој стана политичар, всушност перфектниот политичар кој ќе продолжи со таа работа?

Вториот пример е од сегашноста. Откако чув за смртта на Кастро, од љубопитност пуштив руски интернационален канал, RT. Во повеќето искажувања почит имаше мала разлика од покривањето на Западот: истата архивска снимка, истите конфликти за тоа дали да се прикаже Фидел како херој или злосторник. Сепак, едно прашање се издвојуваше. Неколку интервјуирани лица беа прашани, дали можеби во Западот се појавува носталгија за нешто како кубанскиот модел, со оглед на појавувањето на Берни Сандерс и поддршката за него на примарните избори и растот на популарноста на Корбин во Велика Британија?

Генерално, одговараа негативно. Ова се други времиња, велеа сите. За руска презентерка да го постави тоа прашање, сепак, значеше дека марксистичко-ленинистичката револуција можеби завршила, но дел од романсата ќе продолжи да живее.

Мери Дежевски за Independent