[Став] Достоинствена работа и заштита на сексуалните работници

Перспективата на сексуалните работници/чки во Македонија треба да стане дел од главна дебата за човековите права, правата на жените и правата на работниците на локално, национално и меѓународно ниво пишува Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист и член во Здружението Достоинствен работник во младинската колумна за Радио Слободна Европа.

Во Република Македонија се случија доста комплексни политички, економски и социјални промени кои резултираа со значителен пораст на бројот на луѓе вклучени во сексуална работа, најмногу како последица на тешката економска ситуација и големата невработеност.

Иако, нема релевантни и систематски истражувања за степенот на сексуалната работа во Македонија, врз база на изјави од експерти и јавни медиуми, од 3000 до 4000 луѓе се вклучени во сексуална работа во земјава, вклучувајќи ги и оние кои се присилени да вршат сексуални услуги, односно оние што може да се идентификуваат како жртви на трговија со луѓе.

Полемиката околу оваа проблематика е најмногу насочена кон трговијата со луѓе со цел за проституција, особено бидејки проституцијата сама по себе многумина ја сметаат за форма на експлоатација. Проценките за бројот на луѓе со кои се тргува за сексуални цели се спорни каде што проблемите при определувањето може да бидат поврзани со неподготвеноста на жртвите сами да се пријават.

Не постои општо прифатена дефиниција за трговијата со луѓе за сексуална експлоатација. Терминот го опфаќа организираното движење на луѓе, најчесто на жени, помеѓу државите и во рамките на државите, за сексуална работа со употреба на физичка принуда, измама и заробување поради присилен долг.

Меѓутоа, проблемот станува дискутабилен кога елементот на принуда е отстранет од дефиницијата, за да се вметне олеснување кога се работи за доброволно вклучување во проституцијата.

Термините „сексуална работа“ и „сексуален работник“ се создадени од самите сексуални работници/чки со цел да се редефинира комерцијалниот секс, не како социјална или психолошка карактеристика на одредена група на жени, туку како дејност што носи приходи или форма на вработување на жени и мажи. Како таква, може да биде разгледувана заедно со другите форми на економска активност, како основен даден принцип на SWAN мрежата за поддршка и застапување на сексуалните работници во Европа.

Сексуалната трговија вклучува принудување на мигрант да изврши сексуален акт како услов за дозвола или договарање на миграцијата. На жените и децата кои се жртви на трговијата со луѓе, на пример, често им се ветува работа во домаќинствата или услужната индустрија, но наместо тоа, тие најчесто ги носат во бордели каде што им се одземаат пасошите и другите лични документи за идентификација. Тие може да бидат претепани или заклучени и слободата да им биде ветена дури откако ќе ја заработат со проституција како што е нивната куповна цена, како и патните трошоци и трошоците за виза.

Во Шведска, Норвешка и Исланд нелегално е да се плати за секс, односно клиентот извршува кривично дело, но не и сексуалните работници/чки, бидејки овие држави сите форми на проституција ги сметаат за експлоатирачки или де факто модерно ропство.

За трговијата во Македонија, се споменуваат случаите со ангажирање девојки од земјава и регионот за работа во барови. Случаи за кои во минатото известуваше и македонската полицијата. Во контекст на ова се истакнуваат и етно-лингвистичките врски и националноста.

Главната причина на една жена (во некои случаи и малолетни девојчиња) да прифати понуда од трговец со луѓе е поради подобри финансиски можности за неа и нејзиното семејство. Во многу случаи трговецот со луѓе првично нуди „легитимна” работа или ветување за можност за студирање. Главниот тип на работни места кои се нудат се во угостителството и хотелиерството, во барови и клубови, договори за работа како модел, или работа како бебиситерка. Трговците со луѓе понекогаш понудуваат брак, користат закани, заплашување и киднапирање како средства за доаѓање до жртви. Во најголем број на случаи, жените завршуваат како сексуални работнички. Некои жени знаат дека ќе работат како сексуални работнички, но немаат јасна претстава за околностите и условите за работа во нивната одредена држава.

Законите играат клучна улога во формирањето на изборите на сексуалните работници/чки, надминување на социјалната стигма и дискриминација на сексуалните работници/чки и нивните семејства, намалување на насилството и експлоатацијата во сексуалната работа или менување на условите за работа во сексуалната индустрија. Во Република Македонија, индивидуалната проституција е нелегална и претставува административен прекршок. Изведувањето на сексуална работа, односно “оддавање на проституција” се смета за нарушување на јавниот ред и мир (член 27 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир во Република Македонија.).

Перспективата на сексуалните работници/чки во Македонија е основ на вработување или труд кој е неопходен, ако не доволен, услов за сексуалната работа да стане дел од главна дебата за човековите права, правата на жените и правата на работниците на локално, национално и меѓународно ниво.