[Став] Дислексијата ја зголемува креативноста

Јас и припаѓам на генерацијата каде наставниците не знаеа што е дислексија. Голем проблем во образовниот систем тогаш беше што немаше сочувство, разбирање и човечност, пишува 57-годишниот Benjamin Zephaniah од Велика Британија.

Не гледам назад и не им се лутам на наставниците. Оние кои сакаа да имаат индивидуален пристап не им беше дозволено. Идејата да се биде љубезен, грижлив и личност што ги сослушува проблемите едноставно не беше реална, минатото е друга држава.

Во училиште, моите идеи беа контрадикторни со оние на учителите. Се сеќавам дека една учителка спомна дека луѓето спијат една третина од нивните животи. Ја подигнав раката и прашав – „Ако постои Бог, зарем не е тоа грешка при дизајнирањето? Ако сте изградиле нешто, сакате да биде ефикасно. Ако јас бев Бог ќе го создадев сонот така што ќе бидеме постојано будни, така што добрите луѓе ќе прават добрина една третина повеќе во светот“.

Учителката ми се обрати со – „Замолчи глупо момче. Лошите луѓе ќе прават една третина повеќе лоши работи“.

Јас само се обидов да бидам креативен, а таа ме нарече глуп што воопшто помислив на тоа.

Се сеќавам на учителка која зборуваше за Африка и за „локалните дивјаци“, кога реков – „Која сте Вие да зборувате за дивјаци?, на што одговори – „Како се осмелуваш да ме предизвикуваш?“ и веднаш после тоа се најдов во неволја.

Во еден случај кога имав потешкотии во пишувањето и замолив за помош, учителката рече – „Во ред е. Не можеме сите да бидете интелигентни, но ќе бидеше добар спортист, затоа зошто не излезеш и не играш фудбал?“.

Уште тогаш во мојата глава имав поеми, и кога имав 10 или 11 години мојата сестра ми ги запиша. Кога имав 13 години можев едвај да читам, но не смеев да се откажам.

Бев исфрлен од повеќе училишта, од последното беше кога имав 13 години. Делумно бев избркан бидејќи се расправав со наставниците на интелектуално ниво, а делумно поради тепачки и навредување. Не убодив никој со нож, но му вратив еднаш на еден учител. Ја украдов неговата кола и ја возев низ град, а потоа ја паркирав во неговиот двор. Се сеќавам како ни кажуваше дека Нацистите не биле толку лоши. Кога бев под казна имав навика да гледам во луѓето во кои не сакав да се претворам. Тоа што набљудував ми помогна да ги направам вистинските избори.

Поголемиот дел од луѓето што се во затвор имаат дислексија, како и поголемиот дел од архитектите. Ако ги погледнете статистиките, јас би требало да сум во затвор, црнец кој залутал на погрешната страна на градот, чие семејство се растурило, има проблеми со полицијата, не знае да пишува и чита, без способности и како врв на се со дислексија. Но, мислам дека да се биде надвор од затвор е поврзано со надминување на стравовите и пронаоѓање на својот животен пат.

Кога ги посетувам затворите за да разговарам со луѓето, гледам и мажи жени, кои се интелигентни и имаат други квалитети, исто како мене. Меѓутоа се создале можности за мене, а тие ги пропуштиле.

За мојата прва книга, поемите и ги покажав на мојата девојка, а таа ми ги запиша. Напишав „wid luv“, наместо „with love” („со љубов“). Луѓето не можеа да препознаат дека се работи за дислектични поеми, тие само помислија дека пишувам фонетски.

Кога наполнив 21 година, го посетував училиштето за возрасни во Лондон за да научам да пишувам и читам. Учителката ми рече – „Имаш дислексија“. Ја прашав дали треба да се оперирам, но таа ми објасни за што станува збор, и после се ми беше јасно.

Се повеќе пишував поезија, новели за тинејџери, драмски текстови, книги и снимив музика. Поезија им носам на луѓето кои немаат навика да читаат. И денеска, кога го пишувам зборот „јазол“, морам да застанам и да размислам како се пишува. Морам да нацртам нешто што ќе ме потсети на зборот. Ако не можам да го напишам „прашање“, ставам прашалник, за да се навратам на него подоцна.

Кога ќе погледнам во книга, првото нешто што го гледам е нејзината големина и знам како се чувствуваат луѓето кои имаат потешкотии со читањето. Кога Универзитетот Брунел ми понуди работа како професор по поезија и креативно пишување, знаев дека моите студенти ќе бидат повеќе образовани од мене.

Им велам – „Можете да го следете ова предавање и да имате убава оценка бидејќи имате добра меморија. Но, ако немате страст, креативност, индивидуалност, нема поента“.

Луѓето во денешно време се навикнуваат на мојата дислексија. Можам да ја интерпретирам мојата поезија, бидејќи не мора да биде совршено напишана, но никогаш не ги читам моите новели во јавноста. Кога учествувам на поетски фестивали секогаш сум придружен со актер кој ги чита место мене, бидејќи мојата енергија ќе се насочеше на читањето и се губи расположението.

Ако некој не може да ја разбере дислексијата, тоа е нивен проблем. Ако сте дислектичен и чувствувате дека некој ве спречува, сетете се дека не е до вас. Да се биде дислектичен е природно.

Она што не е природно е начинот на кој пишуваме и читаме. Ако погледнете некој пиктографско писмо какво што има кинескиот јазик, зборот „жена“ наликува на жена, исто како и зборот за „куќа“.

Затоа не бидете строг кон себе и ако сте родител на дете со дислексија не го гледајте тоа како недостаток. Дислексијата не е мерило за интелигенција, можеби имате гениј во вашите раце. Да се има дислексија ве прави креативен. Ако сакате да составете реченица и не можете да го најдете зборот што го барате, мора да најдете начин како да го заобиколите. Ова бара креативност, така што вашиот „креативен мускул“ се зголемува.

Деца ми приоѓаат и ми кажуваат – „И јас имам дислексија“, а јас им велам – „Користете го тоа како предност, гледајте го светот поинаку“. Ние, луѓето со дислексија, продолживме со животот, ние сме архитекти, ние сме дизајнери. Изгледа на децата им се допаѓа тоа што наликуваат на мене, и ако тоа им помага, тоа е одлично. Мене тоа не ми се случи додека бев дете.