[Став] Дискриминација – секојдневние кое што (не) го гледаме

Како дел од програмата на Учиме право е и правото на еднаквост и заштита од дискриминација како и говорот на омраза. Застрашувачки е фактот дека поголемиот дел од средношколците на овие предавања прв пат се среќаваат со тоа што е дискриминација и како да се заштитат, пишува Ивана Петковска, предавач на Учиме право во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Република Македонија во Уставот ни ги гарантира основните човекови права и слободи и не третира еднакво сите граѓани без разлика на пол, раса, боја на кожа, етничка припадност, верско уверување и слично. Но сепак, тоа е само во Уставот, на парче хартија напишано. Во реалниот живот секојдневно се среќаваме со дискриминација по различни основи, Ромите не ги пуштаат на базен, жените се помалку платени од мажите за иста работа што ја вршат и други безброј ситуации кои луѓето ги препознаваат како облик на дискриминација. Има луѓе кои воопшто не се запознаени дека тоа што им се случува нив или на некој друг е дискриминација.

Учиме право е програма на Младински образовен форум која што им нуди можност на младите луѓе преку методите на неформалното образование да се едуцираат во поглед на основните човекови права и слободи, правниот систем на Република Македонија, концептот на демократија, Европска унија и процесот на евроинтеграција на Република Македонија. Најголема заинтересираност за оваа програма има кај средношколците кои сè повеќе сакаат да си го заземат своето место во општеството. Како дел од програмата на Учиме право е и правото на еднаквост и заштита од дискриминација како и говорот на омраза. Застрашувачки е фактот дека поголемиот дел од средношколците на овие предавања прв пат се среќаваат со тоа што е дискриминација и како да се заштитат.

Младите луѓе во нашето општество не знаат како да се справат со различностите помеѓу нив, толерантноста како општествена вредност не им е позната. Училиштата (професорите) заборавија која е функцијата на образованието. Освен образовната функција која што е да ги едуцираат учениците, училиштата имаат и воспитна функција која во последно време е заборавена. Основната цел на воспитната функција е да се формира субјект кој мисли, чувствува и делува во општеството притоа почитувајќи ги другите кои имаат поинакво размислување или начин на живот.

Толерантноста не значи дека треба да натерате некого да сака нешто што не му се допаѓа или да наметнете мислење. Толерантноста значи трпеливост, толерантноста значи да го намалиме насилството, толерантноста значи да се воздржиме од агресивноста. Нормално е да не сакаме сé, но да научиме да ги почитуваме различностите.

Во однос на регулативата која што ја имаме и тука немаме баш со што да се пофалиме. Потребни се итни измени во однос на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Се уште имаме закон каде што сексуалната ориентација не е основ за дискриминација (во претставката што се поднесува до Комисијата за заштита од дискриминација сексуалната ориентација се наведува под точка 20 – некоја друга основа), но имаме голем број на случаи каде се дискриминирани ЛГБТ лицата, со тоа можеме да се пофалиме (читај: засрамиме!).

Новите генерации влеваат надеж со нивната бунтовност и борба против неправдата. Нивните различности ги обединуваат во борбата против дискриминацијата. Време е да почнеме да ги поместуваме маргините на општеството. Време е тоа што е напишано на парчето хартија во Уставот на Република Македонија да заживее во секојдневието.