[Став] „Брегзит“ најмногу ќе влијае на иднината на младите луѓе

Европскиот младински форум е разочаран од одлуката на народот на Британија да ја напушти Европската унија, што може да ги спречи младите луѓе од земјата да користат многу придобивки – како слободата да работат, студираат и волонтираат низ Европа, кои доаѓаат со членството. Тоа е навредливо за младите на Европската унија, група која има најпозитивни погледи за неа.

Особено е тажно што во тешки времиња во Европа, Велика Британија реши да го сврти грбот и да не покаже солидарност кон остатокот на унијата. Во вакви времиња, со растечки евроскептицизам во многу држави, и со сериозните глобални предизвици со кои се соочува Европа, ни треба силна заедница.

Во денешниот свет, нема придобивки од изолацијата. Глобализацијата, миграцијата и климатските приомени се само неколку примери на проблеми за кои мора да реагираме заеднички, и да го правиме тоа во рамките на ЕУ има многу поголема моќ. Блиската соработка меѓу народите и земјите внатре и вон границите на унијата е единствената одржлива патека за иднината.

Го почитуваме гласот на Британците. Ни треба време да размислиме и да гледаме напред за тоа како треба да продолжиме да работиме заедно. Блискиот резултат на референдумот нè потсетува дека ЕУ и нејзините земји членки треба подобро да ги комуницираат вредностите и придобивките на Европската унија. Понатаму, кампањата во Велика Британија покажа дека позитивна визија за ЕУ е многу потребна.

Уште многу работи остануваат незавршени за националните политичари да се видат себеси како дел од решението, особено ако не се задоволни од ЕУ. Многу често тие ја обвинуваат ЕУ за одлуки за кои самите лобирале, или одлуки кои ги донеле на национално ниво. Оваа глупост мора да престане.

Младинскиот форум ги повикува европските лидери да се фокусираат на сплотување на ЕУ, да се осигурат дека унијата ќе направи вистинска позитивна промена за нејзиниот народ, и да постигне солидарност меѓу луѓето врз основа на европските вредности за инклузија, мир и демократија. Ги повикуваме политичките лидери, и на национално и на европско ниво, да се видат себеси како дел од решението и да престанат да ја префрлаат вината на Европската унија на нејасен начин. Европа треба да биде проектот кој носи придобивки за сите млади луѓе, од ЕУ и подалеку. Европските лидери треба да го водат патот до посветла иднина за младите и идните генерации.

Во преговорите што следуваат, лидерите на ЕУ не смеат да ги казнат британските граѓани. Поконкретно, бидејќи младите луѓе гласаа претежно за тоа Британија да остане во Европската унија, нивниот интерес треба да се земе предвид во дискусиите. Лидерите на ЕУ и на Велика Британија мора да смислат заеднички и фер договор, кој ќе им дозволи на младите луѓе да ги користат можностите, како на пример интеркултурно учење, културни и образовни размени, трговија и можности за вработување. Ова се аспектите на ЕУ кои младите луѓе најмногу ги ценат.

Европскиот младински форум е платформа на младински организации во Европа и претставува повеќе од 100 национални совети и интернационални младински организации од континентот.