[Став] Бегалците можат да постигнат многу, доколку не се заробени во изолираните кампови

Пишува: Давид Патрикаракос за Гардијан

Во мај 2016 година, откако се постигна договорот меѓу ЕУ и Турција која ја затвори масовната имиграција во Европа, група на 120 мигранти, придружени од волонтери, влегоа во познатиот хотел Сити Плаза во Атина. Хотелот беше напуштен, сопствениците банкротирале. Стотици соби беа празни, додека бегалците патеа во камповите далеку од градот.

Бегалците овде поставија продавница и, покрај заканите на владата дека ќе им ја исклучи водата и струјата, останаа на ова место од тогаш. Хотелот е какафонија на звукови. Извици на мали деца се слушаат низ рецепцијата. Просторијата е исполнета со најразлични форми на арапски, урду, персиски и англиски јазик. Ѕидовите се прекриени со постери. Син транспарент, на кој пишува „Сити Плаза“, носи порака: Солидарност, заедно, отпор, слога, дарежливост, добивање, живот, еднаквост. Зборовите се наредени еден под друг и секоја прва буква е обоена со розова боја и заедно го сочинуваат зборот „борба“ (struggle).

Еден кат погоре е ресторанот. Масите и столиците се раштркани низ широкиот простор, со уште повеќе постери закачени на ѕидовите. На нив, фотографии од многу бегалци, најголемиот дел деца, кои поминале низ хотелот. Жени со марами кои гледаат во своите смартфони или зборуваат и се смеат во група. На еден од столбовите е закачен детски цртеж. Пишува: „Еднорози против граници“.

Следната просторија е барот. Масите се покриени со табли за играње, додека бегалците играат еден со друг помеѓу облаците чад кои се подигаат од цигарите и наргилињата. На еден банер, поставен на ѕидот, пишува: „Се противиме на криминалниот систем на тврдината Европа“.

Главниот лик во хотелот е Насим Ломани. Авганистанец кој живее во Грција 17 години. Тој бил дел од групата која првично го окупирала хотелот. Одбива да го нарекуваат „волонтер“, нарекувајќи се себеси и другите кои помагаат како „солидарци“. Сити Плаза, вели тој, е дом на 350 бегалци од 16 различни држави, како и 50 солидарци.

Хотелот, додава тој, е повеќе од дом. Најпрвин, претставува политичка порака. „Тоа е контра-пример на бегалските кампови“, вели тој. „Покажува алтернатива за тоа како треба да изгледа сместувањето за бегалците. Не, некаде на крајот на светот, туку во самиот град, со пристап до социјални услуги. Една третина од луѓето овде се деца и можат да одат на училиште. Луѓето треба да живеат во згради и објекти, не во кампови и контејнери надвор од градот“.

„Така, ние го окупиравме овој хотел, делумно како барање до властите за соодветно вдомување на бегалците – особено бидејќи има толку многу напуштени куќи околу Атина. Исто така сакавме да направиме место на кое ќе се бориме против политиките на заробеништво на ЕУ, депортациите и општо лошиот однос кон мигрантите, а истовремено и да се бориме против нивното етикетирање“.

Тој смета дека хотелот стои како доказ против она што тој го гледа како намерна владина политика на лош однос кон бегалците: „Во камповите нема пристап до нормална храна, нема пристап до вода, нема бањање и нема приватност. Ние го обезбедуваме сето ова за да им покажеме дека она што го прават тие (владата) не е принудно, туку нивен избор – да ги казнат бегалците и да направат пример за да не доаѓаат уште“, објаснува тој.

Втората цел на хотелот е да им даде моќ на бегалците. Заглавени во камповите, многу од нив кои се образовани и вешти гледаат како нивниот талент останува неискористен и пропаѓа. Но, не и овде. Професионални готвачи од Сирија и Ирак работат во смени за да обезбедат оброци во точно утврдените часови околу кој се заснова целиот ден: 8:00, 14:00 и 20:00, секој ден. Докторите си ја вршат својата дејност, прават редовни прегледи и се грижат за болните. Оние со добро познавање на англискиот служат за преведување. Сити Плаза покажува дека, наместо да бидат товар, бегалците имаат многу што да придонесат – само доколку им се даде шанса.

Вечерата тој ден беше составена од хамбургери со помфрит и вкусен сос. Сите оброци се халал. Хотелот е преполн со живот. Тројца солидарци се качуваат по скалите носејќи сандаци полни со детска облека. Човек од Блискиот Исток, во блуза со знакот на Манчестер Јунајтед, испушта кругчиња чад во воздухот. Но, помеѓу целата таа енергична раздвиженост, јасно е дека работите функционираат како часовник. На состаноци се одлучува за сите прашања, од храната до тоа кој ќе биде вдомен.

Алкохолот и дрогата се забранети. Заканата од нео-нацистичката партија Златна Зора, која е озлогласена по нападите врз бегалци, исто така е земена во предвид. Хотелот има значително обезбедување. Засега, никој од Златна Зора не се осмелил да дојде.

Сити Плаза е оаза за бегалците помеѓу целиот хаос и мизерија во кои многу од нив се наоѓаат во Грција. Нуди алтернативен модел за третманот на бегалците. Низ цела Европа, напуштени стојат безбројни домови. Сити Плаза покажува како Европа може да им помогне на бегалците, за да си помогне самата себе. Мораме да внимаваме на тоа – и да го сториме тоа брзо. До тогаш, премногу од нив непотребно ќе патат. И, во нивните очи, непростливо.

* Давид Патрикаракос е писател, академик и новинар