[Став] Авгиевите штали на Македонија

СДСМ ќе мора да го слуша народот затоа што каква било грешка тешко ќе се одрази на самата партија и самото нејзино постоење. Чистењето на Македонија од криминалите е како чистење на минско поле. Една грешка и отиде СДСМ во историја. Авгиевите македонски штали мораат да се исчистат, пишува Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Некој што ја читал старогрчката митологија ќе се сети за чии штали спомнувам во насловот. Херкулес имал 12 задачи меѓу кои и да ги исчисти шталите на кралот Авгиј кои не биле чистени 30 години. Задачата требало да ја заврши за еден ден. Тој ги свртел реките Алфеј и Пенеј кон шталите и ги исчистил за еден ден. Македонија е нашата штала, а Груевски е кралот Авгиј. Во нашиов случај, Зоран Заев мора да биде Херкулес.

За две години одработи огромна работа како лидер на опозиција, ги издржа сите напади на него и неговото семејство од античките Македонци кои поим немаат за Херкулес и старогрчките митови. Силата која треба да ја извлече идниот премиер за да ја реализира работата како чистач на реката е сила која доаѓа од народот кој го гласал. Сепак треба да се внимава од каде ќе ја влече силата и како ќе ја распоредува за да не биде идниот крал Авгиј (Груевски).

Проблемот на насочувањето на силата не лежи само во точно распоредување на квалитетниот кадар кој треба најпрвин да го влече од граѓаните кои две години со него ги ораа улиците на протести. Силата ќе биде и стабилноста на коалицијата со која го доби мандатот за градење на нова и слободна Македонија. Поставувањето на нови и квалитетни кадри во СДСМ на високи функции мора да се примени и во ДУИ. Во оваа партија се уште има провокатори кои не се различни од националистите кои се за „чиста Македонија“ и тие не смеат да бидат ставени на високи функционерски места. Оставањето на тој кадар на водечки позиции ќе биде навреда за Албанците кои гласаа за СДСМ. Исто така ќе биде навреда и за Зијадин Села, затоа што снимките убаво покажаа дека тој беше на работ да го изгуби животот додека ниеден пратеник од ДУИ не беше нападнат. Вториот коалиционен партнер Беса со уште недобиен мандат потрча да си го покаже конзервативното лице со навредите кон директорката на албанскиот театар Анита Латифи. Можеби треба да размислат дали својот ердоганизам ќе го практикуваат во идната влада која е про ЕУ ориентирана. На улиците низ Македонија на протести не беа само Македонците, туку беа и Албанците и граѓанското општество кое почнавме да го градиме на улиците не трпи национализам скриен под превезот на патриотизмот. Ова општество го градиме сите, без разлика на националноста и ни припаѓа на сите нас.

Од друга страна сограѓаните Албанци не треба критиката кон албанските политичари, која доаѓа од македонска страна, да ја сфаќаат како национализам. Тие се гласани од граѓаните на оваа земја и тие ги трошат народните пари на кои не пишува кој ги дал од својот данок. Исто така сносат еднаква одговорност како и сите останати политичари и не гледам причина за што било да бидат амнестирани поради својата националност. Ниеден политичар не е заштитен од критика поради својата националност. Тие се на функција и се подложни на секоја критика и контрола од јавноста. Во изминатите 11 години од автократијата на Груевски и фамилијата, не настрадаа само Македонците, туку и Албанците и критиката и барањето одговорност треба да дојде од сите страни. Многу убаво кажа Роберто Беличанец: критиката не е навреда абдали. Абдал е навреда. Затоа очекувам од сограѓаните Албанци да бидат немилосрдни во критиката кон албанските политичари, затоа што одговорноста е заедничка. Национализмот и лажниот патриотизам скриен зад бизнис и партиските интереси нè донесе таму каде што сме.

Следниот период на нова Македонија е тест период на нејзиното постоење. Не само што ќе треба да се исчистат институциите од неписмени партиски кадри туку и криминалците од тие институции ќе треба да одговараат. Не се сите криминалци облечени во маскирни одела и со маски на главите. Има такви и кои седат во фотелји со судски одори на себе. Одговорноста за крвавите настани во Собранието треба да ја понесат сите соучесници и помагачи, па дури тие имале и пратенички имунитети. Можеби треба да се размисли за укинување на имунитетот на сите избрани на функција за да се заштити народот од криминалците во одела и кравати. Несносењето одговорност за делата против граѓаните ќе не врати на почеток на борбата и ќе ја уништи довербата која народот ја даде на 11 декември 2016 година. Таа доверба е многу фрагилна и лесно може да се скрши со нереализирање на дадените ветувања и било каков вид на амнестирање на криминалците од семејството на ДПМНЕ и ДУИ. Од друга страна СДСМ ќе мора да го слуша народот затоа што каква било грешка тешко ќе се одрази на самата партија и самото нејзино постоење. Чистењето на Македонија од криминалите е како чистење на минско поле. Една грешка и отиде СДСМ во историја. Авгиевите македонски штали мораат да се исчистат.

Граѓанското општество почнува да се гради и тој концепт не трпи никакви поделби по основ на националност, религија, јазик. Пред се и над се ние сме дел од ова општество и не гледам иднина ако заеднички не ја градиме. Честито нова влада и нова иднина. Gëzuar Qeverinë e re, gezuar të ardhmen e re.