[Став] Арапски актер: Ако „Ла Ла Ленд“ ги собере Оскарите, толку од мене

Арапскиот актер Амур Ал-Кади, кој најчесто добивал улоги на терорист, во текст за Индепендент, порачува дека улогата на филмот денеска треба да биде свртена кон разбивање на предрасудите, а не кон славење на носталгијата.

Неговиот став во продолжение:

Работев како професионален актер во Велика Британија од мои 12 години – и моето арапско потекло ме стави во некои ужасни расни профилирања во индустријата. Мојата прва филмска работа беше на 14 години, во „Минхен“ на Стивен Спилберг, каде ја играв улогата на син на исламски терорист. Нема потреба да се каже дека тоа беше експлозивен вовед во шоубизнисот.

Сега имам 26 години и во мојата кариера имам добиено скоро 30 сценарија во кои од мене се бараше да глумам терорист. Улогите варираа од „Сомнителен човек со брада во метро“, до „Муслиман кој ги крие неговите бомби во лажна бурка“.

Кога ликовите не се експлицитно поврзани со џихадистички фундаментализам, повеќето арапски улоги кои сум ги прочитал служеле како антагонисти на херои белци. Популарната серија на ББЦ – „Ноќен менаџер“, ме потсети на тие тешкотии во мојата кариера. Гледајќи ја, беше очигледно дека арапските ликови беа поставени само како обични „други“, во пречките во наративот кои го комплицираа патот на главните актери белци.

Кога ја изразив мојата фрустрација на позната директорка за кастинг, таа ме охрабри „да го користам мојот етницитет како адут“, убедувајќи ме дека „актерите белци се е**но популарни во ова време“. Неверојатно е во колку многу наврати ми е речено да гледам на расното профилирање како на позитивна работа.

И вистина е дека после 11 септември, има многу повеќе улоги за арапските актери отколку било кога претходно. „Урааа!“ велат тие, „уживај во можностите за работа! Конечно, арапите имаат место во Холивуд!“. Секако, не во центарот на филмот, туку на безличната периферија, како стискаат лажен детонатор додека славниот белец растура од глума и освојува Оскар во процесот.

И, додека за арапските актери е фрустрирачки да направат име во немилосрдната индустрија, постои уште поважно прашање овде. Скоро ниту еден арапски и муслимански идентитет не е прикажан тродимензионално на филмското платно. Депресивно е да се раскаже дека „Американски снајпер“ е еден од филмовите кој заработил најмногу пари во историјата на филмот. Преку 500 милиони долари за филм кој го прикажува белецот Бредли Купер кој убива безимени арапски актери преку два часа.

Филмските приказни имаат ретка можност да предизвикаат емпатија за различните ликови кај светската публика, па изоставувањето арапски и муслимански гласови, во ваков контекст на глобална исламофобија, е особено штетно. Со одлични режисери, се снимаат прекрасни дела како „Мунлајт“. Сега приказната за геј црнечката машкост во гетото на Мајами стана многу поблиска и мејнстрим. Искрено верувам дека ако телевизиската и филмската индустрија беа поажурни во репрезентирање на арапски ликови – со целата наша хумана, комплексна, интерсекциска тродимензионалност – ксенофобијата немаше да биде пандемична како денес.

И затоа се молам дека „Ла Ла Ленд“ нема да ги собере сите Оскари (како што ги собра наградите БАФТА). Зошто тоа ќе биде знак дека индустријата дава приоритет на славењето на себе. На раскошот во нивната носталгична – и бела – митологија.

„Мунлајт“ мора да победи во категоријата најдобар филм. Не само поради тоа што е кинематографско остварување кое за „Ла Ла Ленд“ е тоа што Фрида Кало е за „сликање-по-бројки“, туку затоа што испраќа ургентна порака. Порака дека сме подготвени да сочуствуваме со секоја приказна, без оглед колку таа е далечна од нас и колку многу таа се противи на нашите системски погрешни убедувања.

Британската индустрија, мора слично да се оддалечи од опсесијата со историски драми. Сега не е време да бегаме во „одамна изминати времиња“ на белата империјална Британија, туку да гледаме кон современиот свет, портретирајќи ги малцинствата на начин кој помага да исчезнат социјалните предрасуди и кој ги зближува заедниците помеѓу себе.

Како Арап кој денес живее на западот, го чувствувам секој исламофобичен глас на Трамп и Ле Пен – или тивкиот изговор на Тереза Меј – како личен, застрашувачки удар. Холивуд не смее да биде соучесник во тоа. Повеќе од било кога претходно, филмското платно ни е потребно за да направиме уникатна работа: да пуштиме светло на игнорираните идентитети и да ги предизвикаме идеите кои создаваат предрасуди и во кои политичарите сакаат да веруваме.