[Став] Ама зошто?

СПУКМ може да придонесе во бранењето на автономијата на универзитетот. Може да биде носител на прогресивната мисла во општеството. Во овој момент, тоа што можеме да го увидиме е дека секое раководство е само еден copy + paste од мизерната политичка сцена, пишува Стефан Алексиќ, координатор на Радио МОФ, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

„Ама зошто? Ама зошто? Ама зошто?“ – Мислам дека бескрајно го повторуваше тоа прашање мојот колега од Финска кога пробував да му ја доловам состојбата во високото образование во Македонија.

„Зошто професорите не преземаат ништо? Зошто студентите не се побунат? Зошто институциите не реагираат? Тоа е образование, таму треба да се поместуваат границите на непознатото, да се зацврстуваат темелите на државата, тоа е гордоста на секое општество, зошто имате корупција?“

Плејада на прашања и коментари од збунетиот Финец кој веќе и со неверување гледа на нашиот апсурд, а јас со секој нареден одговор тонам во срам поради македонската мизерија. Овој разговор се случи пред пет години на еден студентски дебатен турнир. Ние бевме подобро квалификувани од Финците, ама џабе кога се вративме назад на нашиот универзитет и таму го потрошивме нашиот потенцијал.

Изминатите години не беа до толку мрачни. Пленумите докажаа дека студентите, средношколците, па и дел од професорите од универзитетите и средните школи не се инертна маса и им се спротиставија на менаџерчињата кои се однесуваат како да играат видеоигра со македонското образование. За пленумците имам само пофални зборови, но оваа колумна не е за нив, туку е за новонастанатата ситуација каде што се бира нов ректор со нелегитимни претставници на студентите.

СПУКМ за себе сака да користи епитети како авангарда или прогресвна сила, а всушност се само една багра полтрони, кои си ја наредиле во удобните фотелји. Повторно, по којзнае кој пат, се закажуваат избори без притоа да се осврнат на основните демократски принципи, нема унифициран гласачки список, условите за кандитура се невозможни и достапни само за одредени елити, концезусот е фарса и овозможува 1 глас да избере преставник на повеќе од 40.000 студенти. Нивната лежерност магично се разби баш во моментот кога универзитетот ја започна постапката за избор на нов ректор, претходно немаа проблеми претседателот да тера цел екстра мандат како ВД претседател.

Авангардата оди овој пат до таму што луѓето кои повикуваат на избори не се легитимни претставници на студентите веќе со години. Тие ниту имаат право да ги повикаат изборите ниту да ги организираат. Веќе цела една генерација пројде академски студии без да ја има можноста да гласа. Цели 4 години имаме нелегитимен претставник кој одлучува за студентите во наставно-научниот совет (ННС) на универзитетот.

Зошто ни е потребен СПУКМ, зошто не го укинеме? Јас силно верувам дека нас ни треба студентска унија која е признаена од страна на Универзитетот и државата. Тоа што нас не ни треба се послушници во СПУКМ кои се плашат да го дигнат гласот пред надлежните за да им овозможат на студените да ги добијат работите кои им припаѓаат. СПУКМ одлучува за квалитетот на студентските домови, може да гласа во ННС. На пример, тоа значи дека буквално има моќ да донесе екстра сесија, или пак да се противи за прескапиот „мерцедес“ на ректорот и да побара поголемо финансирање за студентите, за уништувањето на паркот во кампусот…

СПУКМ може да ги реши сите проблеми на студентите. Од примената на кредит трансфер системот, квалитетот на образованието до студентскиот стандард и понатаму. Но, спротивно од тоа, ние од година во година тонеме и студентите се оставени сами на себе да се организираат и да си ги бараат своите права, без притоа да добијат поддршка од Сојузот на студенти.

Тоа што е важно да се забележи е дека СПУКМ се финансира од такса ИКСА која студентите ја плаќаат, а исто и прима средства од буџетот. Тоа е дополнителен аргумент зошто Сојузот треба да излезе во пресрет на студентите.

СПУКМ може да придонесе во бранењето на автономијата на универзитетот. Да биде коректив на неговата работа. Може да биде носител на прогресивната мисла во општеството. Може да застапува идеи кои ќе ја однесат државата во вистинска насока, како што тоа веќе го имаме видено во дрги држави. Може да донесе лидери кои ќе и помогнат на нашата нација. Во овој момент, тоа што можеме да го увидиме е дека секое раководство е само еден copy + paste од мизерната политичка сцена. Токму затоа и изборите се проблематични и пред да почнат.

Ама зошто се такви? После пет години мислам дека можам да дадам одговор.

Затоа што СПУКМовци се искомплексирани полтрони кои поради неспособност да се искачуваат по академските скалила заради нивните неквалитети мораат да се служат со интриги и превари. Немаат морална доблест и затоа не им е проблем да жртвуваат генерации на студенти за да ги излечите нивните хирови. Бидејќи немаат капацитет интелектуално да го предизвикаат универзитетот и неговите вработени, па мораат послушно да ги слушаат директивите од нивните патрони. Јас ве предизвикувам на наредните избори да ми докажете дека грешам.

Во меѓувреме, ги охрабрувам сите кои му мислат добро на општеството да им помогнат на студентите кои сакаат да направат промена во СПУКМ. Силни универзитети значи и здраво општество. Патот до таму е тежок и треба да започне со мали победи. Една од тие победи е и создавање на студентски претставник кој го преставува и брани гласот на студентите. Времето е сега.