[Став] 50 нијанси на Иран – сексот на Запад прикажан како разврат

Една девојка израсната во Иран, инспирирана од нејзина случка во средношколските денови, ги прикажува ставовите на иранските власти за западниот свет. Преку читање и истражување, таа сфатила дека и по неколку години, овие ставови не се промениле.

„Во 90-те години, кога бев во раните тинејџерски години, ме испратија во училишната канцеларија на средното училиште за девојки во Техеран, за поседување на видеокасета од Мајкл Џексон.

Училишната советничка, сакајќи да се справи со мене, ја повлече нејзината марама напред и погледна внимателно кон видеоснимката на нејзиното биро.

„Знаеш ли кој е овој пејач? Дали некој знае дали е маж или жена?, ме праша таа, не чекајќи одговор пред да продолжи. „Тие живеат како животни. Тие само сакаат да ги задоволат своите сексуални нагони. Тие не прават разлика дали спијат во близина на маж или жена. Тие не се грижат дали имаат бебиња со кучиња или …“, таа го намали нејзиниот глас и ме праша – „Дали знаете дека истиот овој пејач или танчер или како и да сакате да го наречам има односи со животни?“. Таа ја изговори реченицата како да го знаеше секој детал за односите на Мајкл Џексон со животни.

Тоа беше првпат да слушнам за бестијалност, нешто што, според мојата советничка, било честа појава на Западот.

Помислев на овој момент од училишната канцеларија, кога неодамна прочитав изјава од Мехди Бајати, свештеникот кој раководи со Иранскиот стратешки центар за девственост и скромност.

Порано, кога бев во средно училиште, мојата наставничка по религија и училишната советничка, посветуваа долги часови за тоа како западните мажи и жени го изгубиле вкусот еден за друг, како тие се емоционално скршени и се свртиле кон животните за да ги задоволат своите желби. Сето ова е со цел да ги поттикнат младите ученици да го почитуваат исламскиот превез (хиџаб), влевајќи страв со тоа што ќе стане со општеството во кое жените не се доволно чисти.

Мехди Бајати ги искажуваше истите аргументи како моите наставнички од средно училиште.

„Растот на феминизмот на Западот и фактот дека 60 проценти од западните жени повеќе сакаат да спијат со кучиња отколку со мажи е резултат на отсуство на хиџаб (превез) и намалувањето на прагот на сексуалната возбуда на жените”, изјавил тој за новинската агенција Реса.

Бајати не го прецизира изворот на оваа бројка, но се осврнув на провокативната природа на косата на жените.

„Се вели дека пророкот Мухамед изјавил оти косата на жените сексуално ги предизвикува мажите”, рече тој, признавајќи дека „можеби модерната наука не го покажала ова”, но инсистира дека „било кажано од некој кој ја зборува вистината”.

Повикувајќи се на еден од малкуте дискутирани принципи за наметнато облекување, Бајати исто така рече дека „отсуството на хиџаб го намалува либидото кај мажите и ова не би било од полза за жените”,

Еден од најчудните коментари дојде претходно оваа година од свештеникот Мохамад-Мехди Мандегари, член на ултраконзервативниот Фронт за издржливост и шеф на организацијата наречена Фондација за промовирање на начинот на мачениците.

Тој изјави дека западните жени се сексуално промискуитетни на начин кој не е застапен ни во природниот свет.

„На Запад, кога една жена има односи со неколку мажи, тие се гордеат со тоа”, рече тој. „Но, животните се различни и една женка од видот нема да има односи со неколку мажи во исто време”.

Мандегари, како и многу други екстремисти, верува дека иранската култура станала премногу западна и оддалечена од вистинската исламска култура. Во говорот, тој побарал иранските мажи и жени да се воздржат од секс по гледање сателитска телевизија, за евентуалниот ембрион да не биде загаден.

„За жал, некои луѓе не се внимателни во врска со моментот на зачнувањето”, рече тој предупредувајќи. „Тие го прават тоа по гледање сателитска телевизија и слушање несоодветна музика. Но, сето тоа влијае врз ембрионот.“

Или ако се земе предвид неодамнешната изјава од Мохсен Гарати, свештеник, кој е претставник на врховниот лидер на кампањата за писменост и често се појавува на ТВ:

„Западните луѓе биле измамени кога станува збор за сексот”, вели тој. „Кога бев во Америка, видов момчиња и девојки кои се бакнуваат еден со друг, но тоа беше како да бакнуваат ѕид од тули”, рече тој. „Бакнежите не беа цврсти затоа што можеби ова беше 96-то лице кое го бакнувале тој ден. Но, кога нашата баба не’ бакна се чувствував како таа да не’ исцица“. Кога публиката започна да се смее тој додаде дека „тие мислат оти слободата ќе им биде од корист, но тие се измамени“.

Јас се свртев кон Хасан Јусефи Ешкевари, реформистички свештеник кој помина три години во затвор поради неговите политички ставови, да ми помогне да го разберам религиозниот или социјален контекст за таквите ставови.

„Овие зборови ме шокираат колку што вам ве изненадуваат”, рече тој. „Се прашувам дали овие господа се налудничави или даваат погрешни информации. Но, не можам да најдам јасен одговор за таквите глупости“.

Но, не се само свештениците и исламските идеолози кои користат навредливи зборови и слики за да го опишат сексуалниот живот на Запад. Минатата зима командантот на Басиј, генералот на паравоените сили Нагди ја искористи оваа тема за да ги критикува нуклеарните преговори со Американците.

„Триесет и пет проценти од бебињата кои се родени во Америка се копилиња”, рече тој, без да го цитира изворот за својата статистика.

Хасан Рахимпур Азгади, член на иранскиот Врховен совет на Културната револуција, тврди дека „во западните општества 75 проценти од децата не ги знаат своите татковци и се израснати од нивните мајки.”

Тој го искористи ова како дел од оправдувањето за каменувањето на прељубниците, потоа инсистираше на тоа дека „не постојат сексуални комплекси во исламот, бидејќи во исламскиот брак постои целосна верба додека во христијанството бракот не е божја работа“.

Минатиот месец Хасан Абаси, шеф на Центарот за докторски студии за стратегии на Исламската револуционерна гарда и теоретичар во канцеларијата на врховниот лидер, тврди дека „западните човекови права одобруваат инцест. Инцестот е многу ретка кај животните, но Западниот човек самиот е изопачен толку многу што тој го поддржува инцестот како човеково право“.

„Во Америка 100 проценти од мажите имаат слободни сексуални односи по бракот”, рече тој во говорот, кој беше емитуван на телевизија. „Додека во Иран, можеби двајца од десет илјади би се ожениле со втора жена. [Но] слушнете ги како викаат за еднаквост меѓу мажите и жените“.

Абаси тогаш мислеше на Ануше Ансари, иранско-американска астронаутка и првата иранска жена во вселената.

„Основата на мислата на Шиитизмот е девственоста, а Западот ги користи жените за да ја уништи шиитската вера. Зошто ја пратиле оваа жена Ануше Ансари во вселената со неколку мажи? Тие сакаат да ја убијат девственоста. Ова е главното начело на феминизмот, а феминизмот е основата на американскиот начин на живот“.

Читајќи и истражувајќи ги ваквите изјави, се прашувам како широко одржливите вакви ставови се уште денес се меѓу Иранците. Од љубопитност отидов на Фејсбук и ја побарав мојата стара училишна советничка, која на својата слика на профил се уште носи hejab, но не толку строго како во тие денови.

Забележав фотографија од нејзината ќерка, која беше моја соученичка и од љубопитност ја посетив нејзината страница. Таа немаше на себе hejab, но уште повеќе ме изненади што таа е во брак со Англичанец. Се потсетив на она што нејзината мајка, училишната советничка, ни го кажа пред толку многу години:

„Деведесет отсто од луѓето на Западот имаат сексуални проблеми. Тие не се возбудуваат и повеќето од нив имаат односи со животни“.