Станете за чист воздух! – протест утре пред Влада

Воздухот во Скопје веќе неколку денови по ред е екстремно загаден. Според апликацијата „ Квалитет на воздухот“, Скопје вчера со индекс 191 беше најзагаден град во светот.

Ова поттикна бурни реакции меѓу граѓаните кои решија да организираат протест што ќе се одржи утре (сабота) пред Влада, со почеток во 12 часот.

„Протестот не е организиран од политичка партија, организиран е од граѓани… организиран е од тебе, од мене, од твоите деца, од вашите родители, од сите нас кои дишеме загаден воздух“, се вели во повикот за протестот.

Мерните станици и утрово покажуваат огромна загаденост, а најмногу е регистрирано кај Ректорат, Карпош, Центар, Лисиче и Миладиновци, а нешто помалку во Гази Баба.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, пак, вчера изјави дека дел мерките кои се преземаат против загадувањето се акцијата за чистење на Скопје, дека се работи на нов концепт за јавен превоз, на усогласување на Деталните урбанистички планови на општините со генералниот урбанистички план за да може, како што вели, да се стопира дивеењето во градбата.