ССНМ со остра реакција: Напад врз новинар е напад врз демократијата

Самостојниот синдикат на новинари на Македонија најостро го осудува физичкиот напад врз новинарот на ТВ Телма Павле Беловски, кој се случи вечерва пред Министерството за внатрешни работи, за време на извршување професионална задача.

Новинарот Павле Беловски нападнат пред МВР

Од Синдикатот велат дека напад врз новинар додека ја врши професијата е напад врз слободата на изразување и напад врз демократијата. Оттаму бараат надлежните веднаш да го расчистат случајот. Радио МОФ интегрално го пренесува соопштението на ССНМ:

„Најостро го осудуваме физичкиот напад врз новинарот Павле Беловски од ТВ Телма, кој без никаква причина беше жртва на физичко насилство пред седиштетото на МВР.

Во овој случај сакаме да ја потсетиме јавноста дека станува збор за шести напад врз новинар на место на настан само во 2016 година.

Ја поздравуваме брзата реакција на припадниците на МВР кои го привеле напаѓачот, но во истовреме искажуваме крајно незадоволство од бавната реакција на надлежните институции кои во крајна инстанца не ги решаваат овие случаи ниту брзо, ниту задоволително во поглед на правдата.

Јавноста знае, а институциите треба да се свесни дека физички или друг тип на загрозување на новинар, особено на работна задача е напад врз слободата на информирање и во крајна линија напад врз демократското уредување на државата.

Од тие причини ги повикуваме повторно надлежните, веднаш да го расчистат овој случај, да ги разјаснат мотивите за нападот и на тој начин да испратат јасна порака дека нападите врз новинарите нема да се толерираат“, се вели во реакцијата на ССНМ.

Беловски претходно рече дека поминал без посериозни повреди и информираше дека напаѓачот веднаш бил приведен по инцидентот. Нападот би регистриран и од камера на телевизијата. За случајот, преку Фејсбук реагираше и главниот уредник на Телма, Атанас Кировски, кој соопшти дека утре редакцијата на телевизијата ќе се огласи со соопштение и повеќе детали за инцидентот.