Српското министерство за култура не дава пари за култниот „Нишвил“

Претставници на Нишвил Џез Фестивалот го повикаа српскиот министер за култура Иван Тасовац да уплати три милиони динари на буџетот на Град Ниш, одобрени во 2013 година за кофинансирање на фестивалот од страна на претходниот министер, Братислав Петковиќ.

„Доколку не планира да постапи по решението од 2013 година, со кое тогашниот министер Петковиќ му одобри на Градот Ниш три милиони динари за кофинансирање на Нишвил, фестивалот го повикува министерот Тасовец за тоа писмено да го извести Градот Ниш, кој е официјален примател на средствата, за да се исполнат условите за покренување тужба во надлежен суд. Потсетувам дека Одлуката за поништување на одлуката на Петковиќ од страна на Тасовац е доставена само до Нишвил, а не и до Градот Ниш, и поради тоа нема правно дејство“, вели директорот на фестивалот Иван Благојевиќ во официјално соопштение.
Инаку, Нишвил во минатите три години добиваше од Министерството за култура на Србија по 1 милион динари.

Благојевиќ смета дека Ниш е „речиси избришан од страна на Министерството за култура и дека дури и ако се стави настрана фактот дека претставник на министерството не се појавил на фестивалот веќе со години, недопустливо е на 50-тиот јубилеј на Филмските средби да не присуствува ниту еден претставник на министерството, без оглед на тоа дали претходно доделените средства биле потрошени оправдано или не“.

Првото издание на Нишвил Џез Фестивалот беше одржано во 1995 година.