Средношколски пленум: Сител телевизија – срам да ви е!

Револтирани од етикетирањата и како што велат перењето мозок и плукањето по деца наместо известување за средношколските протести, Средношколскиот пленум испрати отворено писмо до Сител Телевизија кое ви го пренесуваме интегрално во продолжение:

Драг стаф на Сител Телевизија,

Ние сме деца. Ние сме само средношколци. Ние сме храбрата младина која се осуди да се спротистави на Министерството за образование и наука бидејќи не сакаме да бидеме нивни експериментални глувци на кои тие ќе ги вршат нивните тестови. Нашиот пленум е сосема хоризонтален и без никаква хиерархиска структура каде секој членува без никакви надворешни организации. Се бориме против закон. Се бориме да ја спасиме демократијата која во оваа држава полека избледува. А вие што правите?

Како новинари треба да бидете објективни на сите случувања кои ги пренесувате. Како новинари треба да ја информирате јавноста што се случува во Македонија, а не да и го перете мозокот! Се случи првиот марш на средношколците, на Сител ништо. Втор марш, ништо. Бојкот на настава веќе ДВЕ НЕДЕЛИ, ништо. Следи трет марш, вие плукате. Плукате по младината и иднината на оваа земја која за разлика од вас има храброст да се спротистави и да направи промена. ЕТИКЕТИРАТЕ ДЕЦА. Една ваша статија нема да не спречи. Нашите родители кога ги гледаат вашите вести се прашуваат како смеете така да плукате по нивните деца! Вашата непочит, вашата игнорантност, вашето неквалитетно новинарство кое се осудува да го плука единствениот искрен глас во оваа држава е за срам. Го немате правото да се нарекувате новинари. Зборувајќи во име на сите оние кои имаат храброст и утре ќе искочат на улиците да маршираат: СРАМ ДА ВИ Е!

Срдечно,
Средношколски Пленум

Реакцијата на Средношколскиот пленум се однесува на вчерашниот прилог на Сител: „Средношколците во четврток на протест – Познавачите препознаваат финансиска поддршка од СДСМ“.