Средношколец од Скопје во топ 10 на Светскиот Мајкрософт Офис шампионат во Орландо

17-годишниот Марко Марковиќ беше македонскиот претставник на светскиот Microsoft Office шампионат, кој се одржа во Орландо,Флорида. Тој оствари огромен успех со тоа што на светско ниво освои деветто место во Microsoft PowerPoint 2013. Претходно, Марко беше убедлив победник на националниот Microsoft Office Specialist предизвик, кој се одвиваше во i-bank store на Стопанска банка во мај.

Во македонското финале учествуваа 40 ученици од над 1.000 кандидати пријавени преку Certiadria тестинг платформата. Учесниците се натпреваруваа во тестови по свој избор Word, Excel, PowerPoint, а за победа покрај точните резултати во предвид се зема времето потребно за комплетирање на тестот. На светското финале во Флорида, Америка, учествуваа 120 натпреварувачи, а за патувањето на Марко и неговиот ментор финансиска поддршка обезбди Стопанска банка АД – Скопје.

Марко е ученик во гимназијата Раде Јовчевски – Корчагин а негов ментор конкретно за овој проект/натпревар е наставникот Жаклина Прекиќ.

Certiadria и оваа година ќе го организира Microsoft Office шампионатот чие официјално отворање ќе се случи на Microsoft конференцијата Визија на 16 ноември.

„Би сакала да упатам повик до сите млади луѓе на возраст од 13 до 21 година да земат активно учество во тестирањата до крајот на мај 2017 година и да го направат тоа пред се за себе и за својата држава.“, изјави Валентина Тасева, претставник на Certiadria.

„Посебно сме горди што на талентирани и амбициозни млади лица како Марко им обезбедуваме поддршка во остварување на светски резултати кои секако им ја зголемуваат перспективата во животот“ –  изјави Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор на Стопанска банка АД – Скопје

Натпреварот во Македонија беше во организација на Certiadria и подржан од страна на Министерство за информатичко општество и администрација, Стопанска банка АД – Скопје, Град Скопје, Општина Струмица, Семос Едукација, Микрософт Македонија и Здружението на информатичари на Македонија.

Во натпреварот учествуваа натпреварувачи од повеќе градови низ Македонија односно: Скопје, Тетово, Гостивар, Струмица, Прилеп, Охрид, Струга и други.