Средношколците му свртеа грб на МОН

Едни облечени во маички на кои пишува „Јас знам кој те праќа тебе“, други со натписот „А кој не праќа нас“, свирежи и скандирања, средношколците излегоа на нов протест пред Министерството за образование и наука. Тие ја блокираа улицата и му свртеа грб на МОН, со порака дека така и од Министерството им го вртат грбот на средношколците.

„Пет недели Македонија бојкотира, пет недели образованието е во колапс поради зградата зад нас. Македонската младина спие на улица, ги бара од домаќините своите права и ќе се избори за своите права бидејќи за разлика од нив ние имаме усул“, порачаа од Средношколски пленум.

Тие му се заблагодарија на Хелсиншкиот комитет за правната поддршка која им ја пружа и истакнаа дека истовремено со кампувањето борбата ја водат и институционално.

„Остануваме пред МОН. Пред суд ќе ја бараме правдата и институционално ќе се бориме“, велат од пленумот откаде најавија тужби против оние кои им се закануваат.

Бидејќи во понеделник истекува законската можност за отстуство од настава, средношколците најавија дека на еден ден ќе се вратат на училиште, но само за да го ресетираат бојкотот. Претходно родителите и учениците ги повикаа министерот за образование Абдилаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски на средба во кампот, во понеделник во 13 часот.