Средношколците излегуваат на протест во среда

Идната среда средношколците ги реактивираат протестите поради игнорантскиот однос на институциите кон нивните барања за укинување на екстерното тестирање и договорите околу новите концепти за полагање на државната матура. Одлуката за протестот паднала вчера, по генералниот пленум на средношколците бидејќи Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, се уште не даваат одговор на писмото со нивните барања.

„Ќе има протест на 21 октомври поради тоа што пред две недели имаме поднесено барања, а се уште нема никаков одговор“, вели за Радио МОФ Андреј Битраков од Средношколски пленум.

Средношколски пленум побара целосно укинување на екстерното тестирање, како и транспарентно носење на измените во однос на полагањето на државната матура. Тие побараа полагањето на државна матура за сите веќе запишани средношколци да се изведува по стариот концепт. Во писмото се бара и Средношколскиот пленум да биде рамноправно вклучен ако се прави нов концепт на полагање на државна матура, кој според нив треба да важи за учениците кои  ќе се запишат во средно по негово донесување и стапување во сила. Исто така бараат и Пленумот да биде активен учесник во носењето на било какви промени поврзани со средношколското образование.

Министерот Адеми пак, денеска изјави дека моделот за екстерното тестирање треба да произлезе од заедничките состаноци, работните групи, контактите и од дебатите помеѓу засегнатите страни.

„ Министерството не сака да налага модел кој утре ќе биде оспорен од некој од засегнатите страни, особено од наставниците или учениците. Во овој период, иако имаме неколку размислувања околу екстерното оценување, не би сакале јавно да ги искажеме се додека немаме конечен став кој ќе произлезе од работните групи и од дебатите со сите засегнати страни. Во јануари матурантите ќе треба да влезат на испитите по екстерно оценување, а ние сме принудени и под притисок на време овој став да го имаме што е можно поскоро затоа што тој модел ако се промени би значело и нови прашања, нови комисии, нови постапки“, рече Адеми.

Тој појасни и дека Министерството и сите засегнати групи дебатираат за тоа кој модел би бил подобар и кој модел би бил прифатлив за сите.

Од Средношколски пленум пак појаснуваат дека се игнорирани и исклучени од целиот процес. Со цел да ги натераат надлежните да ги слушнат учениците, минатата учебна година средношколците од Пленумот организираа неколку големи протести во Скопје, како и во повеќе градови низ земјава. Со недели беше блокирана наставата, а средношколци десетина дена спиеја под отворено небо пред МОН, за да ги натераат надлежните да ги слушнат нивните барања.