Средношколците го одложија протестот пред МОН од безбедносни причини

Од безбедносни причини, протестот на средношколците, најавен за 17 часот, пред Министерството за образование и наука е одложен, велат за Радио МОФ од Средношколски пленум. Наместо протест, во 17 часот ќе се реализира герила акција, додека музичкиот настап на групата „Фанк Шуи“ е откажан.

По вчерашниот протест за случајот Мартин Нешковски, од Пленумот соопштија дека ја одложуваат блокадата пред МОН, но родителите инститирале да бидат со средношколците во кампот.

„Протестот е одложен бидејќи не знаеме каква ќе биде ситуацијата денеска. Не сакавме да има можност двете толпи да се судрат. Ова не треба да се сфати како откажување туку како превенција за безбедност. Кампот и понатаму си останува, а ние и понатаму ќе се бориме за нашите барања“, велат за Радио МОФ од Пленумот.

Во меѓувреме, низ училиштата стигнале и пријавите за полагање државна матура, кои средношколците ги толкуваат како обид за раздор меѓу нив, а од синоќа се достапни и прашањата за екстерното тестирање на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk.

Средношколците кои веќе петта недела ја бојкотираат наставата, а дел од нив две недели кампува пред МОН, се одлучни и велат дека нема да се откажат додека не бидат исполнети нивните барања, да се стави во мирување екстерното тестирање и да се врати стариот концепт на државна матура.

Од Министерството за образование и наука пак, преку соопштение во неделата известија дека стариот концепт на полагање државна матура ќе важи за сегашните матуранти и „реалните барања на средношколците се исполнети“.