Спој на музика, емоции и вистина – концертна промоција на албумот „Се плашам од Македонци“

Резултат на, за многумина, неочекуваната соработка помеѓу Sethstat, Мирко Попов и Никола Коџабашија, е албумот „Се плашам од Македонци“ кој во четвртокот ја имаа својата концертна промоција во кино салата Фросина во МКЦ.

Составен од 7 композиции„Се плашам од Македонци“ го носи печатот на препознатливиот, музички разигран стил на Sethstat, изграден од психоделични, често „искршени“ ритмови и енергични мелодиски линии. Деликатните пијано звуци на Коџабашија ја дополнуваат приказната за современиот македонски џез, додека текстовите на Мирко Попов го додаваат зрното контроверзија и неприкосновена храброст и претставуваат одлична основа за раскажување на седумте специфични музички приказни.

Вчерашниот концерт беше преплавувачки спој на музика, емоции и вистина, на моменти тежок за „варење“ и опишување, дури и денес, по повеќе од 12 часа. Концертот изобилуваше со сè, од буквално секоја можна точка на секој егзистенцијален континуум. Од чиста декаденција до жестока искреност, од Мики Маус како бескрајно паѓа во амбисот на постоењето до оригиналната верзија на филмот „Дракула“, од капиталистички пристап кон времето и трудот до неверојатна посветеност на самиот акт на творење, од илузорната леснотија на импровизацијата до строгоста на чистите тактови, од „Каде е упатството за постапки во кризни ситуации?“ до „Како икона на ѕидот стоиш ти, со тие очи кои шират кругови“…

„Кругови“ беше кулминацијата на вечерта, која како постојано да кулминираше, со секоја нова композиција. Кога првите неколку тактови од „Кругови“ одекнаа во Фросина, како да се случи групна хипноза. Тивок шепот на стиховите, патување во внатрешноста на емоциите и веќе култната мелодија како патоказ. Сосема очекуван беше бисот и повторното изведување токму на „Кругови“.

„Се плашам од Македонци“ е одлична преслика на моменталните случувања во Македонија и вечно актуелните животни дилеми. Токму поради тоа и очекувам да премине во листата на македонски класици, со кои секоја генерација може да се поистовети.

Јована Ѓорѓиовска