Создади.мк: Со заживување на занаетчиство и уметност до помала невработеност

Создади.мк (sozdadi.mk) е едно од четирите социјални претпријатија кои изминатава недела добија награда за социјално претприемништво, после неколкумесечно развивање на идејата и работа со ментори од Social Impact Award. Со Радио МОФ за креативната бизнис идеја зборуваше Илина Вељановска, креаторка на платформата за Е-трговија и онлајн пазар за продажба на добротворни производи.

На кој начин sozdadi.mk им помага на ранливите граѓани?

Sozdadi.mk е прва регионална платформа за поддршка на претприемништвото во Република Македонија и продажба на хуманитарни рачнo изработeни производи, која има за цел да ги интегрира знаењето и креативноста како основен човечки ресурс и потенцијал. Воедно, претставува инспирација за започнување на свој сопствен бизнис. Во рамки на платформата ракотворци, артисти, дизајнери и домашни производители ќе добијат безбеден простор, во кој ќе имаат можност да креираат своја сопствена онлајн продавница, која самостојно ќе ја ажурираат, и преку неа ќе ги промовираат и продаваат своите производи, ќе остварат приходи и ќе го развијат своето хоби во профитабилен бизнис.

Со ваквиот пристап, меѓу другото, се стремиме кон намалување на сиромаштијата и невработеноста, преку пoттик за самовработување и заживување на занаетчискиот дух, во форма на онлајн занаетчиски продавници во модернизирана верзија.

Во што се состои социјалниот елемент во оваа бизнис идеја?

Социјалната компонента на бизнисот се состои во тоа од ваквата платформа и креативна заедница, покрај тоа што ќе произлезат и ќе се развијат останати локални мали бизниси, воедно преку продажба и промоција на производи наметени за хуманитарни цели, да се пружи помош на оние на кои им е најпотребна. 20% од месечните приходи ќе бидат издвоени за маргинализирани групи на граѓани и лица со попреченост кои имаат свое креативно хоби, со цел промоција и продажба на нивните производи без дополнителни трошоци. Преку обуки, работилници и обезбедување материјали, ќе ги поттикнеме да оформат свој бизнис токму на нашата платформа, со цел генерирање на постојан профит за пристоен живот, општествена инклузија, но и поголема застапеност на пазарот на трудот. Профитот ќе се реинвестира за постигнување на конкретна општествена промена преку иновативни приоди за одржлив и рамномерен развој.

Како оваа платформа за е-трговија се разликува од другите такви веб страници?

Ваквиот пристап има за цел на еден креативен начин да ги поттикне сите субјекти, преку активно граѓанско учество, да се вклучат процесите за намалување на сиромаштијата во една земја во развој каква што е и Република Македонија.

Она што оваа платформа ја издвојува од останатите е тоа што ќе се продаваат единствено производи од домашно производство и рачно изработени уникатни производи, со акцент на оние рачни изработки од маргинализирани групи на граѓани и лица со попреченост, чиј профит се пренаменува во хуманитарни цели. Ваквите производи, предвидено е во иднина да се продаваат и надвор од границите на Република Македонија за секој да може да се вклучи и да помогне во креативните и хуманитарни акции. Иновативноста се состои во тоа што домашните производителите ќе имаат можност бесплатно да отворат своја сопствена онлајн продавница и од своето хоби, она што со љубов го работат, да развијат сопствен бизнис и да се вклучат во креативните проекти во рамки на платформата.

Како sozdadi.mk ќе профитира?

Од продажба на производите, како и реклами во рамки на самата платформа.

Ракотворците и домашните производители исто така ќе можат да генерираат дополнителен профит, од креативните работилници кои ќе бидат организирани во рамки на Sozdadi.mk

Во описот на вашата бизнис идеја, нагласено е дека sozdadi.mk ќе „се бори со руралната невработеност, преку користење на традиционални и модерни техники“. Сепак, платформата е на интернет. Сметаш ли дека можеби постои бариера за луѓето од руралните заедници да ги пласираат своите производи на интернет?

Како што и претходно напоменав, во рамки на Sozdadi.mk ќе бидат организирани разни креативни проекти, во кои ќе бидат вклучени самите ракотворци.  Првиот проект кој ќе произлезе од платформата Sozdadi.mk, вклучува спојување на занаетчиите со македонските дизајнери, со цел да се создадат уникатни, етно, а модерни парчиња од домашнопроизводство, кои ќе бидат пласирани на пазарот преку Е-продавница во рамки на платформата Sozdadi.mk. Во соработка со здруженија на граѓани и невладини организации од целата територија на Република Македонија, ќе успееме да допреме до луѓето од руралните заедници, а техничкиот дел ќе го води тимот на Sozdadi.mk. Токму тоа е нашата идеја, да им помогнеме на сите оние артисти, уметници и занаетчии кои немаат пристап до дигиталниот свет, со наша експертиза, да ги пласираат и промовираат своите производи на пазарот, затоа што истите се навистина вредни и квалитетни.

Зошто се одлучи да развиваш социјално претпријатие?

Уште од основно училиште волонтирам во разни организации и работам на проекти кои работат со маргинализирани лица, а потоа истото го преточив и во своја професија.

Кога во еден момент сфатив дека можам значително да придонесам за поголем социјален импакт, врз основа на досегашното знаење и искуство стекнато преку работење во сферата на социјална правда, се решив на овој чекор кој сметам дека е значителен придонес за доброто на општеството и локалните заедници, преку промоција на претприемачки дух. Социјалната економија е двигател на иновации, па оттаму преку Sozdadi.mk ќе се стремиме да нудиме нови услуги и можности, наменети за маргинализираните групи.

Покрај ракотворците и домашните производители, Sozdadi.mk ќе ми овозможи и мене да го работам она што навистина го сакам и она за што сметам дека треба да е мисија на секој човек, а тоа е да пружам помош на оние граѓани на кои им е најпотребна, врз основа на досегашното стекнато знаење и образование, бидејќи  сметам дека  „Образованието и креативноста се единствените оружја кои може да ги искористиме за да го промениме светот“.

Колку учеството и менторството на Social Impact Award ти помогна во развивање на овој концепт?

Oд идејата тргнува сé, таа претставува основата на нашиот успех и првата скала на која мора да се качиме за да го оствариме. Идејата е подложна на промени и адаптации и не мора да биде конечна, на неа можеме да работиме и да ја надградуваме, но мора да постои, макар и во вид на сон, за кој Social Impact Award ни пружи можност да го оствариме.  Во текот на целата програма работевме со експерти од областа, кои навистина ни помогнаа во развивањето на идеите. Комуникацијата со координаторите се одвиваше беспрекорно, а обуките организирани во рамки на Social Impact Award беа навистина едукативни и инспиративни. SIA беше можеби едно од најубавите искуства за мене како млад човек и социјален иноватор и истото го препорачувам на секој млад човек, кој има желба, визија, знаење и мисија да креира подобро општество за себе и за идните генерации.

Планираш ли да го реализираш и разработиш sozdadi.mk?

Sozdadi.mk e во процес на изработка. Предвидено е да започне со работа кон средината на месец ноември. Согласно стратегијата и анализите, секојдневно ќе работиме со цел да ја постигнеме нашата мисија и визија за една креативна заедница, и да ја оправдаме поддршката од заедницата и нашите артисти, ракотворци и производители, која е навистина огромна и е двигател на Sozdadi.mk.

С.Т.