Современ Gameboy инспириран од првата верзија на познатата конзола на Nintendo

Florian Renner, дизајнер од Минхен, создал пренослив систем за играње врз основа на оригиналниот Gameboy.

Renner го преработил 26-годишниот Gameboy со поголем екран, влез за слушалки и повеќе копчиња, со кои би можеле да се играат и современите игри.
Renner за The Next Web зборува за неговиот концепт и за тоа како во поновите уреди на Nintendo е заборавено нивното дизајнерско наследство:

„Го создав овој проект претежно поради искуството кое го имав како дете, првиот пат кога држев Gameboy во раце и прашањето зошто немав интерес да играм со поновите модели.

Иако првата верзија беше многу гломазна и е застарена, заедно со NES конзолата имаа уникатен, едноставен дизајнерски јазик кој во поновите верзии беше отстранет.

Според мене, од овие карактеристики кои сé уште го претставуваат брендот, Nintendo сé уште не треба сосема да се откаже. Токму затоа го создадов овој концепт. Се обидов да биде едноставен, но сепак да ги задржи оригиналните елементи“, вели тој.

Проектот засега е само идеја. Nintendo најавуваа дека планираат да лансираат нова конзола, но сé уште немаат потврдено ништо.