„Соработувајте, бунтувајте се но бидете и реални“, порача Дескоска на студентите од Западен Балкан

Визијата за создавање на независна организација, како дел од студентското движење на Балканот, ќе ги подобри условите за студирање и ќе ги приближи студентите кон Европа и Светот, порача Министерката за образование Рената Дескоска на Почетниот состанок на Асоцијацијата на алумни од Западен Балкан, кој овие два дена се одржува во Охрид.

На настанот учествуваат околу 300 учесници во високото образование, студенти и алумни, претставници од министерства од регионот на Западен Балкан, ректори на универзитети, унии на студенти, како и официјални претставници на ЕУ и претставници на бизнис заедницата

Целта е да се воспостави една моќна унија на студенти од регионот на Западен Балкан со цел за да се  поддржи модернизацијата и да се подобри квалитетот на високото образование во регионот, но и да им се помогне  на младите луѓе во нивниот академски и кариерен развој кон нивно успешно вработување.

„Вие сте клучната алка во герданот на соработка. Вие сте тие кои треба да го променат и придвижат светот околу вас, на подобро, кон светла иднина за сите граѓани во државите од каде што доаѓате, но и за регионот. Соработувајте меѓу себе, бидејќи така ќе се изградите како личности кои ќе бидат препознаени како авангардни, бунтувајте се за сите неправди, но бидете и реални во исто време. Иднината останува на вас, а вашата идеја за нас ќе биде патоказ по кој треба да градиме модерно и современо високо образование, кое нема да нуди само факултетска диплома, туку со себе ќе носи и товар на наученото и стекнатото“, рече Дескоска во своето обраќање.

Настанот е во организација на Aсоцијацијатa на алумни од Западен Балкан, која претставува непрофитабилна, невладина организација што ги почитува принципите на демократија, кохезија, солидарност и еднаквост помеѓу студентите од регионот на Западен Балкан, односно од земјите Албанија, Босна и Херцеговина,  Косово, Македонија,  Црна Гора, Србија.