Сопственичката на Универзитетот МИТ: Ова е организирана политичка хајкa, но нема да ме замолчат

Сопственичката на универзитетот МИТ, Билјана Апостолова во изјава за 24 Вести вели дека денешниот упад на полицијата е политички монтиран случај и хајка против неа и Универзитетот, за да ја замолчат, поради нејзините јавно упатени критики кон власта. Според Апостолова, МИТ утре продлжува со работа, бидејќи како што вели, таму нема ништо незаконско.

„Ова е политичка хајка, која долго време се врши врз МИТ, а особено последните месеци, континуирано од март, па наваму, заради моето отворено зборување поради работата на власта. На овој начин сакаат да ме замолчат, но нема да ме замолчат, па и во 100 затвори да ме стават“, рече Апостолова.

„Студентите не треба да се грижат, ако постојат неправилности тие треба да се отклонат, или да се докажат дали се такви или не. Јас мислам дека нема неправилности, дека е работено според законските одредби, односно според она што ни е овозможено во Законот за високо образование, во нашите правилници, во нашите статути“, додаде таа за 24 Вести.

Од МВР се уште нема официјални информации за случајот, но како што објавија дел од медиумите, полицијата направила претрес во три објекти на МИТ универзитетот во Скопје и еден во Македонски брод за да се обезбедат докази за незаконско работење, по барање на Основното Јавно обвинителство.