СОНК најавува тужби, за Наставнички пленум ова е нов притисок и застрашување

Раководството на СОНК најавува дека ќе го тужи Наставничкиот пленум бидејќи смета дека наставниците пласирале невистини и конструкции за синдикатот. Од Наставничкиот пленум ова го сметаат за психолошки притисок и мобинг врз своето членство, бидејќи голем дел од членовите на синдикатот се и дел од пленумот.

„Се задолжува највисокото раководство на СОНК да покрене соодветни судски постапки преку адвокатска канцеларија против сите поединци или групи од Наставничкиот пленум и од Мултиетничкиот синдикат за образование, за кои постојат докази дека направиле незаконски дејства против СОНК и неговото раководство. Целта на ова е нашата организација да биде заштитена од ваквите незаконски дејствувања против неа, а исто така да се утврди и штетата што е нанесена врз СОНК со таквото нивно дејствување“, наведуваат од СОНК.

За Пленумот ваквата изјава е не е изненадување, бидејќи веќе стигаа обвинувањата од СОНК дека пленумот бил политички инструиран.

„ СОНК не е претсeдателот, туку СОНК сме сите ние наставниците, кои секој месец издвојуваме по 1% од нашите примања за тој да ги штити нашите права и интереси. Но, дали тоа е така? Дали тие навистина ги штитат нашите интереси? Се прашува ли првиот синдикалец зошто неговите членови протестираа пред МОН кога ги предадоа анализата и барањето за подготвување на нови Закони за основно и средно образование“, посочуваат од Наставнички пленум од каде додаваат нека незаконски дејствија од Пленумот.

Тие додаваат дека настапите во јавните медиуми на членството на СОНК и НП биле начин да се изрази револтот и игнорантскиот однос, пред сé од страна на МОН, но и револт заради неставање на аргументите пред надлежните од страна на претседателот на СОНК.

Наставничкиот пленум не го прифати договорот меѓу синдикатот и Министерството за образование на кој претходеше генерален штрајк во образованието.

Цивил:Заканите на СОНК се срамен преседан во синдикалното делување

На најавите за тужби од страна на СОНК реагираше и здружението ЦИВИЛ – Центар за слобода од каде сметаат дека овие закани го открија вистинското лице на СОНК.

„СОНК врши притисок и своевиден мобинг на своето членство во обид да се заштити владата на начин кој е очигледен до вулгарност. Заедно со владата и ресорното министерство, СОНК врши притисок и врз учениците, нивните родители и Средношколскиот пленум, меѓу другото, и со заканите дека родителите ќе бидат казнети доколку отсуствуваат од настава, а со тоа, практично, ги забрануваат најавените протести на учениците“, се вели во реакцијата на Цивил.

Од Цивил прашуваат и дали членовите на Наставничкиот пленум ќе бидат тужени по членовите 2 и 6 од статутот на СОНК според кои „во изразувањето и заштитувањето на интересите СОНК поаѓа исклучиво од волјата на своето членство“ односно „СОНК делувањето го заснова на следните принципи: доброволност во зачленувањето; демократичност во изразувањето и одлучувањето; взаемност и солидарност; права и одговорности на членовите и органите на СОНК; Јавност во информирањето.“

„СОНК во минатото покажа дека е пион на владата, но сега и официјално влезе во отворен фронт против своите членови, што за нас е уште еден срамен преседан во синдикалното делување во Македонија“, додават од Цивил.