СОНК најавува социјален протест, наставничкиот синдикат обвинува за манипулација

Во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) најави социјален протест на 17 јануари, во 5 минути до 12 часот, пред Владата на Република Македонија. Од Синдикатот на Наставничкиот пленум пак се оградија од протестот и обвинија за манипулација на раковоството на СОНК.

Од СОНК соопштија дека на протестот активно учество ќе земат 11 грански синдикати кои на 21 декември  2017 година  донесоа Одлука со која јавно ќе го изразат своето незадоволство за односот на актуелната власт кон репрезентативните синдикати, неможноста преку социјален дијалог да ги остварат своите социјални барања, како и да го искажат својот револт за сé пожестокиот притисок на раководните лица во јавните установи врз синдикалните активисти. Со протестот ќе побараат повисока плата, исплата на К15 во јавниот сектор, почитување на колективните договори.

Од Синдикатот на наставничкиот пленум посочуваат дека барањата се легитимни, но се сомневаат во намерите на СОНК кој потсетуваат дека без прашање на наставниците го прифати екстерното тестирање,  ги премолча заменските наставници, го аминуваше укинувањето надомест за патни трошоци. Затоа, велат, наставници масовно почнаа да истапуваате од неговите редови и формираа свој синдикат.

„Барањата со кои сега излегува СОНК се легитимни. Но, СОНК, особено неговото раководство- не е! Тие луѓе, таа организација, ја потрошија целата наша доверба, целото наше трпение. Ни го поткопаа достоинството, ни ја загрозија егзистенцијата!, а требаше да ги штитат и унапредуваат. Поради тоа се оградуваме од овој протест. Не од барањата кои не се од вчера, туку се десетина години стари. Но, од оние кои беа глуви и слепи за истите тие барања. Од оние кои нѐ направија инструмент во рацете на политичката партија која им се раздолжуваше сместувајќи ги во разни управни и надзорни одбори. Платени со наши пари, од членарини, поткупувани повторно со наши и со парите на другите даночни обврзници, а за да работат против интересите на наставниците и целото општество поткопувајќи го образованието со своето дејствување, тие повторно се обидуваат да го направат истото. Да ги исправат наставниците како жив штит пред нивниот политички ангажман и интереси“, соопштија од Синдикатот на Наставнички пленум.