СОНК ќе ги тужи градоначалниците и директорите кои ќе се обидат да го спречат штрајкот

СОНК ќе ги тужи градоначалниците кои ќе го попречат организирањето и одржувањето на генералниот штрајк на вработените во училиштата, градинките и културните институции. Жестоките притисоци кои локалните власти ги вршат врз нашите членови нема да не предомислат во намерата на 20 јануари да започнеме со штрајкот, порача претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, пренесува ТВ Телма.

„ Таканаречените „читачи“ кои секојдневно ги гледаме, во името на нашите членови излегуваат и кажуваат лаги и невистини. Имаме и докази дека тие „читачи“ се инструирани од некои политички гарнитури. Некои „читачи“ се наши членови, но некои не се дури ни наши членови“, изјави Неделков.

Денеска и скопските градоначалници заедно на прес конференција објавија дека во главниот град нема да има штрајк. Тврдат дека ваква информација им била пренесена од директорите на сите училишта, градинки и културни институции во Скопје.

На ова Неделков одговори дека секое мешање на работодавачите во одлуката дали работниците ќе штрајкуваат претставува кршење на законот за работни односи во делот на организирање на работниците и на уставно загарантираното право на штрајк.

На денешната координација не беше присутен единствено градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски. Од општина Центар соопштуваат дека Жерновски воопшто не бил информиран за одржувањето координативен состанок помеѓу скопските градоначалници, што според нив е доказ дека станува збор за средба со партиско-политичка позадина.

Соопштенија во кои градоначалници, наставници и директори се изјаснуваат дека нема да го поддржат штрајкот, денеска пристигнаа и од други градови низ Македонија. Сепак, СОНК најави дека не отстапува од штрајкот закажан за вторник.
Извор: Телма