Собранието под лупа: Дебатата на пратениците и понатаму неквалитетна и неаргументирана

Неаргументирани дискусии, како и непроменливост на позициите без оглед на аргументите кај спротиставените политички опции во Собранието повторно се регистрирани во последниот извештај „Собранието под лупа“ на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, во кое е анализиран квалитетот на дебатата меѓу пратениците во периодот од септември до декември минатата година.

Во извештајот набљудувани биле седум пленарни седници и девет комисиски расправи, со вкупно 1469 дискусии. Најдискутирани теми биле Предлог – законот за употреба на јазицитe и Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година.

Од Институтот посочуваат дека според начинот на носењето на одлуките парламентот останал форум во кој спротиставените политички опции не ги менуваат своите позиции без разлика на искажаните аргументи.

За разлика од минатиот период (мај-авг 2017) во последниот период (сеп–дек 2017) не е забележан ниту случај кога пратеници од различна политичка опција, иако не ја менуваат својата позиција, сепак го признаваат квалитетот и вредноста на аргументи на своите соговорници од други партии.

Ако според партиската припадност на говорниците се анализира отвореноста кон аргументите на другите учесници на седниците, може да се заклучи дека двете страни биле подеднакво затворени за ставовите на другите.

Опозицијата поактивно учествувала во дискусијата со 69%, а власта со 31%. Најактивни пратеници кои на собраниската говорница се задржале најдолго се: Антонио Милошоски со 286 минути, Драган Цуклев со 223 минути и Илија Димовски со 222 минути.

Во однос на тоа како пратениците одговараат на упатени аргументи од страна на други говорници произлегува дека тие во една третина од дискусиите (33%) делумно одговарале на упатените аргументи, а делумно ги извртувале или игнорирале. Во 17% од случаите аргументите биле целосно извртени, а во 8% од случаите биле целосно игнорирани.

Притоа, пратениците од мнозинството почесто директно одговарале само на дел од упатените аргументи, а другите ги извртувале или игнорирале. Кај пратениците од опозицијата поголем е процентот на дискусии во кои целосно се игнорирале претходно упатени аргументи – 18% споредено со мнозинството – 8%.

Пратениците, како и во претходно набљудувани периоди, повторно, почeсто се одлучувале да се осврнуваат на личноста на нивните колеги, отколку на упатените аргументи.

Од Институтот за демократија даваат и неколку препораки преку кои пратениците можат значително да придонесат за нормализирањето на политичката состојба и атмосфера во Собранието:

  • Да користат повеќе аргументи во дискусиите кои ќе бидат поддржани со истражувања и анализи
  • Повеќе да се фокусираат кон анализа на аргументите, отколку кон личноста на пратениците
  • Да се воздржат од искажување на различни форми на непочитување
  • Повеќе да се фокусираат кон соработка и решавање на прашањата и проблемите во најширок јавен интерес
  • Да се отворат кон предлози и консултации со граѓанското општетство
  • Да ја засилат законодавна иницијатива
  • Повеќе да се фокусираат кон надзор на работата на извршната власт
  • Да иницираат промени во Деловникот во делот на зголемување на правото говорниците да можат подолго и почесто да дискутираат

Целосниот извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието во периодот септември-декември 2017 е достапен на македонски и албански јазик.