Собранието го изгласа Законот за основање на Универзитетот „Дамјан Груев“

Во отсуство на пратениците од опозицијата, Собранието денеска го изгласа Законот за основање на Универзитетот за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ – Скопје. Законот го поддржаа вкупно 67 пратеници, додека „против“ гласаа шест пратеници.

За владејачкото мнозинство, новиот универзитет ќе го зголеми квалитетот на високото образование и ќе им овозможи на идните студенти поголем избор при бирање на факултет. Ставот на опозицијата, пак, која вчера и денес не присуствуваше на седницата, е дека овој закон претставува политичи проект без никаква стратегија, што негативно ќе влијание во образованието, а се врши и дополнителен удар на УКИМ.

Предлог-законот за универзитетот предходно беше повлечен, за вчера повторно да биде вратен во Собранието, проширен со уште три факултети – економски, градежен и архитектонски.

На дневен ред на седницата се и предлог законите за изменување на законите за високото образование, за основање универзитет во Тетово, за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, сите по скратена постапка.