Преку уличната уметност се вклучува алармот за проблемите на младите

Говорот на омраза, сегрегацијата во образованието, некреативноста и масовното иселување се дел од проблемите со кои се справуваат младите во Македонија, а кои група учесници на проектот „Уметност и дизајн за застапување“ ги изразуваат на креативен начин – преку улична уметност.

„Уметност и дизајн за застапување“ е проект на Фондацијата „Идеа Југоисточна Европа“, преку кој 30 млади од Македонија учат за уметноста и ширењето пораки за социјални проблеми на креативен начин. Во текот на изминатата година, па се до септември, учесниците поминале низ обуки за теорија на уметноста и практичниот дел, а деновиве го „украсуваат“ центарот на Скопје со своите дела.

Преку графити и стенсили, учесниците ќе дадат своја критика за 12 најчести и најголеми проблеми на младата популација во земјава. Некои од темите се сегрегацијата во образовниот систем, воспитувањето во образованието, полицијата.

„Екипата која работеше на таа кампања смета дека младите и полицијата немаат разбирање, па нивната порака е „Да се разбереме“, за да најдат заеднички јазик. Друга интересна кампања е „Кога ќе пораснам, сакам да останам во Македонија, само ако…“. Тоа е условна кампања, во која младите искажуваат што би ги натерало да останат во државава во екот на огромен одлив на млади. Имаме и кампања за социјално претприемништво, да ги поттикнеме младите да запалат идеја за општествена промена“, вели Љубица Гроздановска Димишковска, менаџер на проектот.

Меѓу кампањите се нашла и „Биди креативен“, бидејќи учесниците сметаат дека нивните врсници во денешно време се многу инертни, незаинтересирани и им недостига мотивација.

„Преку ваквото креативно изразување, учесниците служат како пример за другите млади за тоа како можат лесно и со многу малку пари да направат што сакаат. Нормално, потребна е поддршка од некој, но мислам дека најважно е да се мотивираат“, вели Гроздановска Димишковска.

Некои од кампањите  имаат превентивна и информативна улога, а се бават со говорот на омраза на интернет и малтретирањето во училиштата.

„Кампањите се информативно-едукативни, а нивната цел е да се подигне свеста кај сите припадници на општеството за проблемите кои ги мачат младите.

Дејвид Стилковски, еден од учесниците на проектот, вели дека станува збор за навистина корисен и едукативен.

„Овој проект е и многу креативен, бидејќи она што ги тера младите на некој бунт и револт преку негосе прикажува на креативен начин, преку уметност. Тоа го правиме на видливи места за да можат и постарите и помладите да го видат тоа што го работиме“, вели Стилковски.

Додава и дека самиот процес на подготовка до почетокот на цртањето бил забавен и едукативен.

Со учесниците на работилниците работеле Бошко Караџов, кој предавал теорија и филозофија на стрипот, Горан Костовски – Инкдог, дизајнер и уметник кој предавалза улична уметност, Игор Јовчевски, стрип цртач и Мите Кузевски, тренер за застапување и јавно говорење.

Проектот кој започна во септември минатата година, ќе трае една година. Учесниците денеска цртаа графити во близина на Градскиот парк. Во понеделникот се црташе кај Урбаната заедница „Мирче Мацан“ во близина на Веро центар, а во петок ќе бидат исцртани и ѕидовите на Основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“.

С.Т.