Со прогласување туристичка зона против улицата на кејот и Шпанските скали

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски најави дека ќе прогласи туристичка зона на Кејот на Вардар кај ГТЦ и плоштадот. Со ова решение, смета тој, ќе биде нелегално да се градат сервисната улица на кејот кај ГТЦ и Шпанските скали на плоштадот.

„Денеска на седница на советот на Општина Центар, ќе донесеме забрана за градба на овој потег, кој ја опфаќа и улицата на Кејот, но одлуката нема да се дозволи и изградба на Шпански скали, а не само на оваа небулозна улица“,најави  Жерновски кој ги повика властите да се откажат од изградбата на најавените градби и побара вклучување на стручната јавност, граѓаните и невладините организации во битката за интересот на граѓаните

Против најавите за градење пристапна улица на самиот кеј на Вардар пред неколку дена се огласија и угостителите. Откако беа објавени информациите дека дел од кејот ќе биде пренаменет во улица за сообраќај, граѓаните најавија низа протести за спас на кејот. Од фејсбук групата „Да го спасиме шеталиштето на кејот на Скопје“, најавија дека со „жив штит“ ќе го бранат кејот на Варадар.