Со нова модна колекција четири девојки ќе му дадат втор живот на текстилот

Олга, Елена, Теа и Родне, тоа е четворката што стои зад „Coterie – The Art of upcycled clothes“, една од победничките идеи на „Social Impact Award 2017“. Нивниот бизнис план предвидува намалување на загаденоста од текстилен отпад во Македонија преку реупотреба на текстилот, но и ангажирање на долгорочно невработени жени кои се мајстори во занаети што изумираат, како плетење, везење, ткаење…

Олга Рајчиќ е креатор на бизнис планот, Елена Додевска пак е дизајнерка што веќе 5 години е дел од модната индустрија.

„Со самиот факт што модната индустрија станува втор најголем загадувач на средината, а како некој кој ја сака природата, кај мене се роди конфликт дали понатаму да продолжам со ова што го работам, затоа што сфатив дека тоа носи тешки последици по животната средина. Сакаме да ја подигнеме свеста за тоа што се случува и кои се последиците од модната индустрија“, ја почнува приказната за својот нов бизнис младата дизајнерка.

Идејата им е да направат еден поинаков моден бренд кој ќе произведува облека од текстил што вообичаено завршува како отпад. Прво се сетиле дека може да ги користат остатоците од материјали од текстилните фабриките. И тука бил првиот предизвик.

„Имаме еден проблем во врска со тоа . Не можат да ни го отстапат текстилот затоа што царинската регулатива наложува тој да се дава на депонија и да се уништува. Односно да се загадува воздухот. Се надеваме дека наскоро ќе се промени тој закон бидејќи е апсурден, а отпадот кој може да биде реупотребен сега се наложува да се уништи“, револтирано објаснува Олга.

Додека да се сменат законите, за новата модна колекција ќе ја користат веќе употребената облека. Наскоро, велат, ќе биде отворен и нивниот ФБ профил каде ќе упатат јавни повици за донирање на непотребната облека.

„Сега почнавме да работиме на првата колекција , собравме првична донација на облека. Се ни треба, се што е текстил, се што (луѓето) мислат дека не им треба и не го носат, било да е тоа завеса, искинат чаршав, исфлекана облека“, појаснува Елена. Потоа овие материјали ќе бидат однесени на хемиско чистње, и од нив ќе се креира новиот моден бренд. Всушност ќе ги има два. Едната колекција ќе биде поедноставна и поевтина, наменета за нашиот пазар, втората пак ќе биде поуникатна, а цел ќе им бидат западните пазари.

„ Сите тие парчиња ние би ги реупотребиле и редизајнирале за да им дадеме сосема нов лик. Рачно планираме да ги украсуваме, веземе, ткаеме и плетеме на нив. За таа цел планираме да вклучиме долгорочно невработени жени кои ги имаат овие знаења на рачни вештини“ вели Елена.

На тоа Олга додава „Ова всушност значи и реупотреба на текстилот, давање втор живот“.

За Радио МОФ велат дека полесната работа е завршена, победата на натпреварот. Сега, ги чека вистинскиот подвиг, идејата да ја преточат во профитабилен бизнис. Во тек е опремата на нивото ателје, машините за шиење треба да пристигнат. Проблеми има на секој чекор, па како напредува реализацијата на идејата, така се менуваат и плановите. Првичната идеја за вклучување студенти во работата на дизајните засега ја одложиле. Оставена е , велат, за кога ќе тргне бизнисот.

„Со секое купено парче облека нашите купувачи може да одберат дали сакаат да се засади дрво или да се донира друго парче облека на социјално загрозено лице“, го објаснува Олга социјалниот момент во нивниот бизнис план.

Ќе даваат и доживотна гаранција на купеното парче, односно кога тоа ќе му здодее на оној што го носи, ќе може да биде вратено и редизајнирано, за ниска цена.

„Тоа го правиме за да ја намалиме потребата за потрошувачка на пазарот. Сакаме да ги натераме  потрошувачите да се однесуваат одговорно кон своите парчиња облека и да ги носат што е можно подолго, така ќе има и помалку текстилен отпад на депонии“, појаснува Елена.

И двете се согласуваат дека е потребна поддршка на женското претприемништво, но и враќање на подзаборавениот модел на социјалните бизниси.

„Уште во Југославија уште постоеле социјалните задруги. Сега е време да го вратиме она што некогаш постоело, само ќе му дадеме претприемнички дух што веројатно недостигал во тоа социјалистичко време. Веројатно тука е разликата. Нема да биде тоа државата, туку тоа ќе бидат индивидуите кои ќе го сторат тоа. Јас верувам дека на секој бизнист му е должност да придонесе нешто за општеството“, децидна е Олга.

Ј.Ј.