Со магаренце и трактор, патувачкото кино на „Македокс“ стигна во Жван и Единаковци

Во Демирхисарските села се чувствува духот од старите времиња, кога речиси секое село имало дом на култура. Во Жван – изгорел, а во Единаковци сам од себе се распаѓа. И двата сега се депонии. Буништа. Самите селани кажуваат дека културата е фрлена на буниште, со резигнација се сеќаваат како „на времето“ тука пееле и играле и „Танец“ и Васка, и Јонче, имало играорни групи, хорови, оркестри, младински активи, секции… изгледаа благодарни што еве, некој се сетил и на нив, да ги посети, да ги праша како се, да им пушти филм…Магаренцето на „Македокс“ стигна во Жван и Единаковци.

03 Zhvan
На 20 август, патувачкото кино на „Македокс“ стигна во селото Жван. Селото е сместено покрај Црна Река, на 12 километри од Демир Хисар, 38 километри од Кичево и на само три километри од селото Слоештица, каде што се наоѓа кампот на екипата на „Македокс“.

02 Zhvan Donce JankulevskiСпоред најстариот соговорник што го запознавме во Жван, дедо Донче Јанкулевски, во турско време селото се викало Иванчишта и било на неколку километри од сегашната локација на Жван. Тогаш бил изграден ан (преноќиште) и бидејќи многу луѓе, одејќи со пајтон по патот од Кичево за Битола, преноќувале во анот мештаните почнале да го викаат „жив ан“. Подоцна оттаму излегло и денешното име на селото Жван. Дедо Донче, кој работел како поштар, ни кажа дека порано во селото имало многу луѓе, три воденици, активен Дом на културата, училиште со 800 деца, додека сега има околу 270 до 300 жители, 30 деца во училиштето и само три првачиња за оваа година.

„Луѓето главно се занимаваат со земјоделство, а има многу невработени и неженети во Жван“, ни објасни Дане Андревски. Селото е најпознато по гравот, но се ниже тутун и се сее пченица.

Во Жван се родните куќи на писателите Божин Павловски и Раде Силјан, како и на легендата на македонската народна музика Јонче Христовски. Помладите жители на Жван ги прераскажуваат приказните дека во Жван настапувале и Васка Илиева, Никола Бадев, Кирил Манчевски, а во домот имало игранки со 200 луѓе. Во турско време во селото често поминувал војводата Јордан Пиперката. Тие што останале да живеат во селото ја чуваат традицијата, се гордеат со петте манастири во нивната околина.

„Луѓето во Жван се меки по душа, но знаат да бидат и атерџии“, објасни Драган Шулевски, кој преку ден работи во рудник, а навечер свири хармоника за своја душа.

04 Edinakovci

Селото Единаково, или Единаковци, како што самите жители го именуваат, беше четвртата станица на Патувачкото кино на „Македокс“. Во Единаково магаренцето го сменивме со трактор, бидејќи секоја куќа има еден, а некои и по два-три трактори.

„Порано се жнееше со срп, оравме со волови, вршевме со коњи, се чудевме кога во селото го донесоа првиот велосипед, а сега секоја куќа има трактор за сите земјоделски работи“, вели 86-годишниот Коле Лозановски, потпрен на своето бастунче. Тој не е најстар жител на селото бидејќи постара од него е 94-годишната Стојанка Талевска од семејството Божиновски.

Според кажувањата на селаните, селото во денешната форма е старо околу 300 години, кога прво се доселил еден човек, оттаму името Единак, а потоа почнале да се доселуваат семејства од околните села, но и од Србија и од Мала Преспа.

„Кој од која фамилија е се препознава по тоа која зимска слава ја слави“, вели Зоран Божиновски, кој потекнува од најстарата фамилија во селото и се грижи околу црквата „Свети Никола“, која била обновена во 1834 година.

05 EdinakovciПлатното на Патувачкото кино беше растегнато пред Домот на културата на 21 август вечерта, а голем дел од селаните никогаш претходно не присуствувале на филмска проекција. Поради земјоделските работи почетокот на проекцијата во 21 часот им се виде премногу доцна, бидејќи голем дел од нив стануваат за работа во 3 или 4 часот наутро. Со филмовите „Вонземјанинот Ли“ и „Песна од шумата“ малку се промени нивниот секојдневен распоред.

Селото Единаковци се наоѓа на седум километри од Демир Хисар. По патот нема да пронајдете патоказ и до селото ќе стигнете со прашување во соседните села. Императив да стигнете во селото може да биде врвниот квалитет на пиперките за ајвар што се одгледуваат во селото.

Патувачкото кино продолжува со проекциите на документарни филмови низ Демирхисарскиот регион. До 28 август „Македокс“ ќе помине и во Слепче (23 август), Смилево (24 август), Бабино (26 август), Сопотница (27 август) и Слоештица на 28 август 2014 година. Проекциите се одржуваат сред село, а почнуваат во 21 часот.