Со герила акции против неспособноста на локалните власти во Реканскиот крај

Најголемиот проблем скоро во сите населени места во Реканскиот крај е инфаструктурата: патиштата, канализацијата и водовдни мрежи, вели Адем Сулејманоски, еден од иницијаторите на неодамнешните герила акции за проблемите во овој крај.

„Со герила акциите сакавме да ја разбудиме свеста на мештаните и пошироката јавност“, вели Сулејманоски. Неговата прва герила акција се состоеше од поставување на патокази на кои пишува колку луѓе се иселиле од секое село во регионот, заедно со оддалеченоста, бидејќи и онака локалните власти немале поставено патокази.

„На еден вработен во селото има 100 иселени во странство“, забележува Сулејмановски.

За нивниот активизам реакции пристигнале веднаш – и позитивни и негативни. Голем број медиуми пренеле за герила акцијата, со што тој верува дека успеала да се подигне свесноста за проблемите на жителите на овој регион. Но, од Локалната самоуправа во село Ростуше веднаш ги искршила и собрале патоказите.

„Со втората герила акција, Косач, сакавме пак да сугерираме до општинските власти, а особено Македонија Пат, кои се самобендисани и не гледаат ништо подалеку од носот, дека неискосените површини покрај патот претставуваат голема опасност во сообраќајот. Особено во овој период од годината, кога имаме голем прилив на печалбари и други гости во нашиов регион“, додава активистот.

Според некои статистички податоци, вели Сулејманоски, Реканскиот крај е последен во Европа по безбедноста на патиштата.

Иако како заедница се соочуваат со многу проблеми, вели дека властите постојано ги игнорираат и таложат проблемите.

„За Локалната самоуправа немам зборови, покилава од актуелната локална самоуправа сме немале досега. Едноставно немаат никаква идеја“, обвинува Сулејманоски.

За нивната неспособност, раскажува, сведочи и случајот на заташкување на проект за спас на реката Радика. Пред околу 15 години, италијанската влада доделила шест милиони евра за да се зачува реката која е полна со биодиверзитет и природна убавина.

„Со тие средства требаше да се поправи цела канализација од сите рекански села и да се направат прочистителни станици. Од тоа не излезе ништо. Некој си ги „лапна“ тие шест милиони евра и никој не одговара“.

Што се однесува до герила акциите, вели дека локалното население одлично ги прифатило. Во моментов размислуваат за нови идеи кои на креативен начин ќе ја критикуваат неажурноста на локалната самоуправа.

С.Т.