Со Фестивал на локална храна и развој „Спас за Валандово“ ќе се бори против рудникот Казандол

Иницијативата Спас за Валандово, на 28 мај (недела), организира Фестивал на локална храна и локален развој. На целодневната манифестација околни производители ќе изложуваат локални производи и нивни преработки. Се работи за видови органски производи карактеристични за ова микро поднебје, како смокви, јапонски јаболка, калинка, мед, но и други земјоделски и сточарски производи.

Воедно, ќе бидат изложени и уметнички творби на тема „Во ваква околина сакам да живеам“, изработени и од најмладите, а организирани се и музички перформанси на локални изведувачи. На следниот линк може да се најде повикот за творби за изложбата.

Во рамки на фестивалот, ќе биде одржана и трибина на која експерти ќе дискутираат на темата отворање на рудник, во еколошко краиште кое претежно егзистира од земјоделие и овоштарство. Гостите, кои ќе бидат потврдени и најавени во наредните неколку денови, ќе го претставуваат своето гледиште како професионалци од областа на животната средина, екологијата, економијата, здравството, земјоделието и други.

Со оваа манифестација организаторите сакаат да го промовираат валандовскиот регион, како област за производство на еколошки чиста храна и локални производи.

Од организацијата потсетуваат и дека од денес, 22 мај, се отпочнува со собирање на 2.000 потписи за распишување на референдум против отворање на рудникот Казандол, откако Државната изборна комисија го уважи барањето на граѓаните за собирање на потписи за распишување локален референдум.

Иницијативата е дел од кампањата „Мрдни со прст“ која има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.

Подолу може да се најде и целосната програма на фестивалот.

ПРОГРАМА НА ПРВИОТ ФЕСТИВАЛ НА ЛОКАЛНА ХРАНА И ЛОКАЛЕН РАЗВОЈ

недела – 28ми мај, парк Пеонија, Валандово

12:00-13:00 Поставување на штандови

13:00-13:15 Отворање на фестивалот

13:15-14:30 Експертска трибина

14:30-14:45 Претставување на излагачи на локални производи

14:45-15:00 Најава на забавниот дел од програмата: изложба на уметнички творби, детска програма и музички перформанси

15:00-17:00 Дегустација на локални производи, работилници за деца и музички перформанси на  локални бендови

17:00-17:30 Затворање на Фестивалот