Со целовечерна забава се затвора Скопје викенд на гордоста

Со концерт на панкерите Новиот почеток и постдоуп диско-панк рокерите The John, вечерва во Кино Култура од 21 часот официјално се затвора Скопскиот викенд на гордоста (Skopje Pride Weekend).

Освен концертите, дел од целовечерната журка ќе бидат и DJ сетовите на некои од најмоќните жени на скопската клупска сцена: Виолета Качакова, Хада Блам (Ивана Драгшиќ) и Соња Исмаил.

Викендот на гордоста започна во четвртокот, а беа одржани неколку предавања, дебати, перформански и концерти. Настанот е во организација на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните единици и ЛГБТИ – Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет.

Партнери на овогодинешниот настан се Младинскиот образовен форум и Кино Култура.

Главната идеја на овогодинешниот прајд викенд е солидарноста, а целта е подобар и поинаков свет во кој се слават гордоста и слободата, а се става крај на хомофобијата и насилството.