Снемува маски со филтер во аптеките, граѓаните бараат Владата да даде бесплатни

„Секој граѓанин заслужува чист воздух, но не секој е во можност да си дозволи маски“, се вели во една од петициите кои деновиве се покренаа, а се однесуваат на алармантното загадување на воздухот.

Целта на оваа петиција е да направи притисок врз Владата за да почне со доделување на бесплатни маски за секого. Во меѓувреме, аптеките се празнат, маски со филтер веќе и да нема.

„Многумина би ги жртвувале своите бели дробови за белите дробови на своите деца. Каде и во кој кош ги ставаме пензионерите, бездомниците и оние кои врзуваат крај со крај до крајот на месецот? Дали тие не заслужуваат да дишат? Сите заедно да се избориме за бесплатни маски за секој граѓанин. За подобра иднина, за подобро здравје, за чист воздух“, стои во онлајн петицијата.

Во меѓувреме, граѓаните се организираат за утрешниот протест што ќе се одржи напладне пред Влада. Тие се револтирани од алармантните податоци што ги покажуваат мерните станици неколку денови по ред. Според апликацијата „ Квалитет на воздухот“, Скопје вчера со индекс 191 беше најзагаден град во светот.

Станете за чист воздух! – протест утре пред Влада