Словенија стави ограда, илјадници бегалци заглавени на српско-хрватската граница

Синоќа Словенија стави ограда на границата со Хрватска, каде 1 800 мигранти ја поминаа ноќта откако со воз пристигнаа од српската граница. Хрватската полиција пак, спречи голем број на бегалци да влезат на нејзината територија откако Унгарија ја затвори својата граница помеѓу нив.

Истоштени и гладни, бегалците на словенската граница извикувале „Отворете ја границата“, додека полицијата преку мегафон се обратила со зборовите „Одете си, ова не е ваша земја“.  За денеска пак, се очекува во Чаковац, мало хрватско гратче до словенечката граница, да пристигне нов воз со уште 2 100 мигранти.

Во меѓувреме, повеќе од 10 000 бегалци се наоѓаат во Србија, заглавени поради ограничувањата наметнати од државите во Западна Европа, соопшти денеска агенцијата на Обединетите Нации, предупредувајќи на недостиг од помош за бегалците. Илјадници луѓе бараа да ја поминат српската граница со Хрватска откако ја поминаа ноќта на ладно и во кал.

„Можеме да кажеме само дека има над 10 000 бегалци во Србија“, изјави портпаролката на УНХЦР Мелита Суњиќ, додавајќи дека имаат потреба од храна и ќебиња.

Бегалците беа задржани од хрватската полиција, каде бегалските кампови се преполни. Во западниот дел на Хрватска, околу 2 000 од нив ја поминаа ноќта на границата со Словенија.

Откако Унгарија ја затвори границата со Хрватска, река од народ се пренасочи кон словенската граница за да продолжи кон Австрија и Германија, омилената дестинација на голем дел од сириските бегалци.

Но, Словенија постави ултиматум од максимум 2 500 луѓе на ден, најавувајќи дека ќе прими толку луѓе колку што ќе можат да преминат во Австрија.

Словенија дополнително соопшти дека Австрија ќе прими 1 500 бегалци, што е далеку помалку од претходниот влез преку Унгарија, меѓутоа од австриското министерство за внатрешни работи се уште нема потврда за оваа информација.

Повеќе од 5000 бегалци дневно ја минуваат српско-хрватската граница од Грција каде пристигнуваат со брод од Турција и минуваат низ Македонија и Србија. Вчера рекорден број на бегалци пристигнале во прифатниот центар во Гевгелија, соопштуваат активистите кои се постојано на терен. Тие сведочат на редица бегалци што ја отежнало процедурата на нивно спроведување.

Големата криза во која 700 000 мигранти бегаат од воениот ужас и сиромаштија во државите од Блискиот Исток предизвика поделба во Европската Унија.

Унгарската влада неодамна даде контроверзна изјава во која се вели дека поголемиот дел од муслиманските бегалци претставуваат сериозна закана за просперитетот на Европа, безбедноста и христијанските вредности. Поради тоа, ги затвори своите граници со Србија и Хрватска со ограда и воведе нови закони, кои активистите за заштита на правата на бегалците ги коментираат како негирање на нивните човекови права и заштита.

Денеска во Турција разговараа турскиот премиер Ахмет Давутоглу и германската канцеларка Ангела Меркел. Тие, како што пренесоа агенциите изразиle загриженост поради ризик од придвижување нов бран бегалци од сирискиот град Алепо. Турскиот премиер нагласил дека е неопходно да се формира безбедносна зона во северниот дел на Сирија за да се спречи приливот на бегалци.