Словенечката влада е против референдумот за правата на геј паровите

Словенечката влада во четвртокот го прифати мислењето дека одржувањето референдум чии иницијатори имаат намера да го оспорат веќе донесениот закон кој ги изедначува правата на истополовите со хетеросексуалните заедници е недопустлив, со оглед на тоа што би ги довел во прашање уставните одредби.

Таквиот референдум би поттикнал нерамноправност која се темели на сексуалната ориентација, наведе словенечката влада во своето мислење, донесено на седницата минатиот четврток. За тоа дали треба да се дозволи одржување референдум за Законот за брачни заедници и фамилијарни односи, кој неодамна беше прифатен во парламентот со голем процент гласови, а меѓу другото предвидува и брак помеѓу истополови партнери пред матичар и посвојување на деца, ќе се гласа денеска во парламентот.

За одбивање на референдумот со кој донесениот закон може да се поништи, претходно се изјаснија партиите кои гласаа и за законот : трите партии од владејачката коалиција на премиерот Мире Церара, опозициската партија на Аленка Братушек и Здружената левица, иницијатор на спорниот закон. За одржување на референдумот се залагаат опозициската Словенечка демократска партија и демохристијанската Нова Словенија.

Владата во четвртокот во своето мислење со кое се залага да не се одржи референдумот, наведе дека повеќе досегашни одлуки на Уставниот суд сугерираат на потребата од изедначување на правата на истополовите заедници со вонбрачни и брачни заедници на мажи и жени и еднаквиот третман на лицата од истополовите ориентации ги диктираат Уставот и европската конвенција за човекови права.

Иницијаторот за одржување на овој референдум, за кој веќе се собрани повеќе од 10 илјади потписи, се активистите од католичкото здружение „За деца“, а подржани од две поголеми верски заедници Српската православна црква и Исламската заедница на Словенија.

Оспорувачите на законот за „геј браковите“ како главен аргумент наведуваат дека овој закон го редефинира класичниот поим за семејство, а бракот законски се дефинира како заедница на две личности без разлика на полот. Покрај тоа истакнуваат дека при прифаќање на законот не се водело сметка за правата на децата.

Иницијаторите на референдумот повикуваат на тоа дека некои истражувања покажуваат дека одгледувањето деца во истополови заедници не е добро, додека противниците на референдумот тврдат дека емпириските истражувања не даваат никаков доказ дека развојот на децата во истополовите заедници на било кој начин е загрозен.

Извор: Слободна Далмација