Словенците „Рагалушн“ на 20 мај во Скопје

По Боб Марли деј, што се одржа во саботата на Школка во Градскиот парк, македонската реге-сцена има можност да присуствува на уште едно реге-збиднување – „Рагалушн“ од Словенија повторно во Скопје

Во сабота, на 20 мај, во рамките на настанот наречен „Позитивни вибрации 1“, свој концерт ќе одржи реге-бендот „Рагалушн“ (Raggalution), кој доаѓа од Крањ, Словенија. Како поддршка на овој познат балкански бенд ќе бидат домашните диџеи Славе, Гето Руди и Жолтиман, заедно со „Мастрафизам кру саунд систем“. Почетокот на овој реге-настан е закажан за 21 часот, а влезницата, со којашто публиката ја поддржува скромната скопска и македонска реге-сцена, е 200 денари. Целото случување ќе се одржува на Јавниот алтернативен простор „Бла бла клуб“, порано познат како Градска плажа, на кејот на реката Вардар.

Инаку, „Рагалушн“ не се првпат во Скопје и нашата публика ги познава по нивниот енергичен концерт, одржан во 2015 година во клубот „Сектор“. Овој реге-бенд доаѓа во рамките на својата балканска турнеја, по повод објавувањето на вториот албум во април оваа година, наречен „Gatekeeper“. Освен во Македонија, Словенците ќе имаат концерти и во Србија, Косово, Хрватска и на домашен терен, во Словенија.

„Рагалушн“ е бенд формиран во 2011 година и имаат објавено два студиски албума и повеќе концерти низ Балканот и ширум Европа. Составот брои седум музичари, а нивниот стил изобилува со т.н. рутс реге, реге што доаѓа директно од Јамајка. Момците од бендот најавуваат уште еден извонреден настап во Скопје, па да ги поддржиме и да дојдеме во колку што е можно поголем број во сабота!