Слепите и лицата со оштетен вид ќе гласаат самостојно со брајово писмо

Слепите лица и лицата со оштетен вид на претстојните локални избори самостојно ќе можат да гласаат користејќи го брајовото писмо, информираа од Здружението „Инклузива“ од Куманово.

Здружението одржа средба со слепи, лица со оштетен вид и нивни семејства, на кои им укажаа дека ДИК по препорака на „Инклузива“ започнала подготовка на шаблон, односно папка на брајово писмо каде што на предната страна ќе го пишува сето она што го содржи гласачкото ливче.

„Цела година работевме на оваа проблематика и бевме упорни, токму за гласачкото право на лица со оштетен вид, бидејќи тие досега воопшто не гласаа, гласаше некој друг за нив и нивната тајност на гласање беше целосно нарушена, баравме правото на глас да го остваруваат самите лица со ошететен вид“ изјави Благица Димитровска од „Инклузива“.

Таа појасни дека поголемиот број од лица со оштетен вид не го знаат брајовото писмо и за тие лица папката од кај што се броевите ќе биде со отвори, така што лицата со оштетен вид со допир ќе може да ги изброи да заокружи.

Упатството е издадено од  ДИК и е прикачено на нивната официјална страна, информираа од Здружението, објаснијнувајќи дека е подготвена и аудио верзија. Дадени се и препораки за лицата со интелектуална попреченост и за лицата со оштетен слух.