Скопскиот инди состав Џун ќе настапи на Сигет

Скопскиот инди состав Џун (June) на 12 август ќе настапи на „Јуроп сцената“ (Europe stage) на еден од најголемите светски фестивали Сигет во Будимпешта.

Роби Вилијамс (Robbie Williams), Авичи (Avicii), Флоренс Енд Д Машин (Florence and the machine), Касабиан, Лимп Бизкит (Limp Bizkit) се само дел од стотиците артисти кои годинава ќе настапат на островот Обуда во унгарската престолнина.

Сигет ќе се оддржи по 22-ри пат, а исто како и претходните години се очекуваат околу 400.000 посетители од повеќе од 70 земји.

Македонскиот бенд се најде во музичката понуда на Сигет преку „Програмата за размена на таленти од Централна и Источна Европа“ (CEETEP). Дел од критериумите по кои се бираат бендовите за „Јуроп сцената“ се креативниот потенцијал, свежината и мултикултурниот елемент во нивното творештво.

Претставувањето на нивната музика на Сигет е прва можност за Џун да се покажат на сериозно голема сцена, предизвик кој доаѓа веднаш по победата на натпреварот „Converse rubber tracks“.

Џун беа еден од четирите македонски неафирмирани бендови кои на натпреварот во конкуренција од преку 100 млади артисти и групи од регионот ја добија главната награда – бесплатно снимање во култното Студио М во Нови Сад. Џун, Клауд Таун (Clowd Town), Визија од Скопје и Кпурдат (Këpurdhat) од Тетово добија можност да работат во професионални услови под будното око на искусни продуценти од Бруклин и Србија.

Додека траат подготовките за настапот на Сигет и се очекува производот на Џун од снимањето во Нови Сад, нивната музика може да се преслуша на:Sound cloud , YouTube , Facebook и нивниот официјален сајт.