SkopjePulse ги лови критичните точки на загадувањето, бучавата и влажноста

Колкаво е загадувањето со ПМ10 честички кај МЗТ, околу кафулето „Излет“ или во Бардовци? Дали е премногу бучно кај фонтана во Градски парк, или да се чекаме на друго место? Колку е ризично нивото на влага додека се шетаме низ Козле или трговскиот центар „Бисер“? Што е со температурата, дали е пријатно да излезам по лесна облека на Водно? Истовремено, колку степени е кај другарите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“?

Овие прашања пробува да ги одговори платформата SkopjePulse, производ на компанијата „Netcetera“. Се работи за сајт каде можат да се следат тековни податоци за ПМ10, ПМ2.5, бучава, температура и влажност. Исто така, на мапа можат да се видат повеќе локации за разлика од оние стандардните мерни места на Министерството за животна средина.

Од компанијата велат дека пред две години, во рамките на своја програма за иновации, почнале со истражување и евалуација на различни ИоТ (Internet of things) технологии. За таа цел, во Скопје поставиле неколку LoRaWan базни станици кои ги поврзале на глобалната ИоТ мрежа – thethingsnetwork.org.

Maпа со информации на SkopjePulse.mk

„SkopjePulse.mk излезе како производ, односно ‘showcase’ на целата технологија со која сакавме да направивме нешто конкретно и пред се’ нешто корисно. Од една страна, ние го аплициравме она што го научивме, а од друга страна Скопје стана еден од ретките градови во светот со функционална градска ИоТ платформа“, вели за Радио МОФ Панче Чавковски од „Netcetera“.

Податоците ги собираат преку три канали – LoRaWAN SkopjePulse сензори, WiFi SkopjePulse сензори и официјалните информации од Mинистерството за животна средина. Потенцираат дека нивните сензори се опремени со елементи кои можат полесно да се најдат на пазарот и се едноставни за склопување во целосен уред.

„Точноста на податоците кои ги добиваме е технички документираната точност на индивидуалните компоненти. Она што нашите уреди го прават е собирање на овие информации на пооптимален начин, и препраќање кон системот преку LoRaWAN или WiFi канал“, објаснува Чавковски.

Крајната цел на SkopjePulse е да биде целосно „crowd-sourced“, односно самите граѓани да може да си изработат сензор и да го поврзат кон мрежата. Паралелно со тоа, вели Чавковски, треба да има група на луѓе кои ќе се грижат за точноста на податоците и нивната распределба.

„Сепак тоа не излезе баш лесно за изведба и е се уште во прогрес. Моментално, сите сензори кои се активни се изработени од нас и се поставени кај доброволци кои може брзо да реагираат ако најдеме некаков проблем во софтверот или хардверот. Во овој процес, внимававме да земеме порелевантни локации за да добиеме пополнета мапа, и добиените податоци да бидат што е можно по отпорни на надворешни влијанија“, потенцира тој.

Според него, со повеќе локации се зголемува резолуцијата на информациите, а со тоа има подобра основа за пронаоѓање критични точки во градот или некакви шаблони. Температурата и влажноста се прилично блиски низ целиот град и се разликуваат само во нијанси.

„Мапата на загадување на воздух покажува драстично различни ситуации во различни делови на градот и се’ уште може да се подобри со поставување на сензори во другите населби и предградија. На крај, за да се добие солидна слика за амбиенаталната бучава, идеално би било да се има таков сензор на буквално секоја улица. Се надеваме дека во наредните години, бројноста на сензори ќе биде се поголема, и можеби ќе се вклучат и некои дополнителни параметри кои би биле важни за градот“, забележува претставникот на „Netcetera“.

 

Бојан Шашевски