Скопје смог аларм: Скопје уште во февруари ја надмина годишната граница за аерозагадување

Главниот град и годинава ги надмина годишните дозволени граници на Европската Унија за загадување на воздухот – уште во февруари. Според податоците кои ги претставија од граѓанската иницијатива „Скопје смог аларм“, мерните станици во Скопје покажале дека во градот се дише загаден воздух повеќе од 40 дена.

„Ова е показател дека еколошката и здравствена голгота на скопјани продолжува и во 2018 година“, велат од „Скопје смог аларм“.

Во Европската Унија, дозволената граница за концентрации на ПМ10 честички впросечени во 24 часа е 50 µg/m3. Дозволениот број на надминувања на лимитите за PM10 честички е 35 денови во една календарска година.

„На 21 февруари 2018, овие ЕУ лимити се надминати на сите мерни станици во Скопје, освен Миладиновци, Општина Илинден“, истакнуваат од скопската иницијатива.

Па така, најмногу загаден воздух, според 24-часовните гранични вредности за ПМ10, се дише кај Ректорат, или 54 дена, по што доаѓаат жителите на Лисиче, Гази Баба, Карпош и Центар.

Станица Вкупен број надминувања во 2018 год. (до 21.02.2018)1 Дозволен број на надминувања годишно2
Центар 40 35
Карпош 42 35
Лисиче 47 35
Гази Баба 45 35
Ректорат (УКИМ) 54 35

 

Од Скопје смог аларм потсетуваат на проценките на Светска банка од 2015 година дека во Македонија од загадениот воздух годишно умираат 1,350 граѓани, додека Европската агенција за животна средина лани процени дека годишно има до 3,000 смртни случаи заради аерозагадувањето.

„Тоа  значи дека секоја година ни се случува еколошки геноцид, т.е. екоцид“, оценуваат од иницијативата.

„Апелираме до локалните и централните власти за итни и одржливи мерки за подобрување на воздухот во Скопје и низ цела Македонија. Воздухот во Скопје не смее да се користи како канализација на тешката индустрија и градежната индустрија.  Мерки како дводневен бесплатен превоз се премали за еден од најзагадените градови во светот. Како за пример, Германија планира да воведе целосно бесплатен јавен превоз во пет најзагадени градови. Исто така, Кина ја ангажира армијата за да засади дрвја, најмногу во околината на главниот град Пекинг, и привремено затвори голем број на фабрики со цел да се намали загадувањето. Париз неколку пати воведе „ден без автомобили“ во центарот на градот“, се вели во реакцијата на „Скопје смог аларм“.