„Скопје лично“ – проекција на видеа

Во недела во 20:30 часот во кафе барот Менада Tiiiit!Inc и 103-ка ја организираат проекцијата на видеа „Скопје лично“.

Видео материјалот е снимен минатиот септември за време на возењето по интимните мапи на Скопје, кога во живо на радио беше пренесуван автентичниот звук на градот.

Видеата ги прикажуваат разговорите во студиото на четири тркала со Ивана Драгшиќ (Плоштад Слобода) и Елизабета Пољоска (Прва Архибригада), со Оливер Митковски и Љупа Ангелов (The John, Lepi Xhoni) и со Небојша Вилиќ и Звездан Георгиевски.

Радио возењето насловено Скопје е ЖЕНСКО! по иницијатива и концепт на Tiiiit! Inc. за прв пат се емитуваше на Стотројка (Канал 103) кон крајот на февруари, 2013 како дел од промотивните активности за првото издание на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Според организаторте, акцијата има за цел да алармира на насилното маскулизирање на градот кој е еден од ретките што имаат парк посветен на Жените Борци во кој веќе нема ниту еден споменик на жена, а улиците кои носат имиња на жени кои навистина учествувале во испишувањето на македонската историја се неосветлени слепи сокачиња.

„Идејата беше да се направи алтернативно мапирање на градот наспроти официјаните екскурзии, мапи и сувенири со Александар Македонски во снежна топка, наменети за странските туристи кои или доаѓаат па не можат да се начудат на количината на невкус во кој успеваме да преживееме или просто нè заобиколуваат во своите планови за годишен одмор. Идејата беше да се направи интимна мапа на градот кој е и (тоа како) женски. Возењето е непостојано исто како и градот кој постојано се менува пред нашите очи. Во рамки на паралалната програма на Skopje Creative Hub 2014 повторно се обидовме возејќи се низ ноќните улици на градот да ја испишеме неговата алтернативна топографија исткаена од личните спомени на оние кои што Скопје го сметаат за еден од своите најважни идентитети. Овој видео материјал се обидува да ја пренесе неповторливата атмосфера во студиото на четири тркала“, велат од Tiiiit! Inc.