Скопје блокирано, колони граѓани се движат кон Влада

Скратени автобуски линии, пренасочен сообраќај со блокирани приоди кон центарот на градот и реки од граѓани кои се движат кон Влада е сликата од Скопје половина час пред најавениот масовен граѓански протест пред Владата организиран од граѓанската и натпартиска коалиција за враќање на достоинството на луѓето и за одбрана на Уставот на Републиката, „Граѓаните за Македонија“ и опозициските партии.

Студентите од Студентскиот пленум се собираат на платото пред универзитетот „Кирил и Методиј“ од каде продолжуваат кон скопскиот основен суд за да се сретнат со пристигнатите граѓани од движењето „Протестирам“, „Солидарност“ и голем број граѓани кои излегоа на протест. Во центарот на Скопје се собираат активистите од коалицијата„Граѓаните за Македонија“.

Фото: Марјан Забрчанец

Фото: Марјан Забрчанец

Опозицијата пак означи неколку пунктови низ Скопје, од каде што заедно пред влада се движат партиските активисти. Протестот во живо го пренесува опозицијата на својот Јутјуб канал.

„Автобусите од населбата Ѓорче Петров возат само до студентскиот дом „Гоце Делчев“. Потоа ги симнуваат луѓето“, велат за Радио МОФ студенти кои се движат кон Владата.

Како што јави агенцијата Мета, околу 3.000 битолчани тргнале на пат за Скопје во колона од 19 автобуси, 14 минибуси и 300 автомобили . Фокус јавува дека граѓаните кои изутринава тргнале од Делчево се соочуваат со силни притисоци и запирање на автобусите на секои двете километри и претрес на автомобилите. Охридњуз пак јавува дека и голем број охриѓани патуваат кон Скопје, додека кумановскиот портал „Кумановоњуз“ пишува дека околу 4500 лица од североисточниот регион на земјава се движат кон Скопје.