Скајп сега е оптимизиран за послабите андроид телефони

Гугл и Фејсбук не се единствените кои ги прилагодуваат своите апликации за тие да можат да функционираат на послабите смартфони. На овој чекор се одлучија и од компанијата Мајкрософт, кои ја најавија новата верзија на андроид-апликацијата Скајп која ја намалува потрошувачката на меморијата и просторот за уредите кои користат андроид 4.0.3 до 5.1, со што ќе се подобри вкупниот квалитет на звукот и сликата на овие уреди.

Новата верзија на Скајп би требало да биде подобро оптимизирана за нестабилните интернет конекции, а ажурираната апликација ќе биде глобално достапна во следните недели.

Мајкрософт одлуката да ги поддржи постарите верзии на андроид ја правда со тоа што корисниците во земјите во развој не можат да ги менуваат своите телефони на неколку години, а некои дури купуваат телефони со постари андроид оперативни системи.

Според статистиката на Гугл од февруари 42% од андроид уредите на Гугл Плеј користат андроид верзија 4 или 5. Од друга страна, Мајкрософт не може да си приушти да ги игнорира нискобуџетните или постарите телефони, кои претставуваат голем дел од потенцијалната база на корисници.